Фото: Емил Јовановиќ

Да препознаеме и фаворизираме практика на интегрирање наместо практика на поделби

ПРВ ПОВОД: Учениците од осмо одделение од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга што следат настава на албански јазик, заедно со наставниците по македонски јазик Магдалена Грческа и Бобан Перески, реализираа инспиративна посета на Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга. На учениците им беше одржано предавање од страна на едукатор од музејот „Д-р Никола Незлобински“, од наставниците и од Ристе Миладинов (директен потомок од семејството на Браќа Миладиновци). Со голем интерес и ентузијазам, учениците се запознаа со животот и делото на Димитар и Константин Миладинови. Посетата беше исполнета со љубопитност и нови сознанија, а учениците имаа можност одблизу да ги почувствуваат историјата и значењето на нивното творештво.

ВТОР ПОВОД: Во пригодата за одбележување на патронатот на истото училиште ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, пред две години, директорката на училиштето, на албански јазик, демонстрирајќи пред присутните авторитет на највисок раководител во институцијата, испратила порака до јавноста дека училиштето треба да го врати името од периодот на Втората светска војна?! Згора на тоа, таа во истата пригода изразила становиште дека треба „да се вратат на патиштата што тогаш (при окупацијата на Струга и Македонија во Втората светска војна) биле зацртани“, што претставува алузија за менување на актуелниот поредок на државава, дури и за сецесионизам и територијални претензии кон Македонија. И тој инцидент, во низа години, не е осамен. Имено, секоја година, во повеќе основни училишта во западниот дел на Македонија каде што живее албанска популација, на одредени денови, празници на соседната Р Албанија, јавно, преку училишни приредби во континуитет се лансираат наративи со шовинистички карактер, со демонстрација на милитаризам, со декор, симболи и пароли што се спротивни на законите и регулативата во државава и на тој начин се всадува дека тоа е „нормално“ во процесот на образование, воспитување и зреење на младите и дека „тоа се вистинските патриотски, морални и етички принципи и норми што треба да ги усвојат“ (?!)


Кога историјата, татковината и образовните институции едуцираат, воспитуваат и обединуваат

Образованието е мост, а не ѕид

Посетата на учениците од осмо одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга на Спомен-домот на браќата Миладиновци претставува пример за тоа како образованието може да ја исполни својата суштинска мисија. Да образова, да воспитува и да обединува. Учениците што следат настава на албански јазик, преку предавања од едукатор од музејот „Д-р Никола Незлобински“, нивните наставници и од потомокот Ристе Миладинов, имаа можност да се доближат до животот и делото на Димитар и Константин Миладинови.
Ова искуство не беше само лекција по историја туку и лекција по заедништво. Во време кога општеството често се соочува со поделби, ваквите активности покажуваат дека културното наследство може да биде мост меѓу различните етнички заедници. Учениците со љубопитност и ентузијазам ја доживеаја историјата како нешто живо, релевантно и обединувачко.

Се потсетуваме и на практики кога, за жал, училиштето станува поле за поделби

Наспроти оваа позитивна практика, не може а да не потсетиме на статиите во нашиот весник „Нова Македонија“ во кои забележавме, информиравме, па и регистриравме реакции на јавноста за одредени појави каде што се манипулира со децата во текот на воспитно-образовниот процес, додека одредени носители на тој процес ги индоктринираат децата и младите, служејќи се со методи што се во спротивност со наставниот план и програма, па дури и ги кршат одредбите на повеќе закони и Уставот на Македонија.
Само за потсетување, пред извесно време во некои основни училишта биле организирани приредби со деца што носеле пластични „калашњикови“, симболи поврзани со идејата за „голема Албанија“ и други пораки со етноцентристички, сепаратистички и шовинистички карактер.
Ваквите појави сѐ уште ги држат отворени сериозните прашања поврзани за децата и младите во рамките на нивното образование, воспитување и зреење. Имено, какви вредности им се пренесуваат на најмладите?
Дали образовниот процес се користи за градење критичка мисла и меѓусебно почитување или за вградување поделби и предрасуди во нивната ментална матрица?

Две парадигми, една иднина

Овие два гореспоменати настана, едниот инспиративен, другиот загрижувачки, всушност го отсликуваат длабокиот јаз во образовниот систем, и тоа „ископан“ од директни носители и учесници во образовниот (и воспитниот) процес кај најмладите, квазинаставници и квазипрофесори, кои ниту ги исполнуваат основните критериуми за мериторност и компетентност за да бидат и едукатори и еден вид педагози и психолози за децата и младите, а не политичко-партиски индоктринатори што шират агитација и пропаганда меѓу младите. А тоа сѐ уште се случува. Од една страна, имаме пристап што се темели на знаење, култура и меѓусебно разбирање. Од друга страна, имаме пристап што ризикува да ги избрише моралните и етичките норми, заменувајќи ги со симболика и пораки што поттикнуваат поделби.
Првиот модел создава граѓани со свест за заедничко минато и одговорност кон заедничка иднина. Вториот, пак, може да доведе до генерации што ќе го перципираат „другиот“ како закана, а не како сограѓанин.

Одговорноста на институциите и наставниците и евентуални последици што не смеат да се игнорираат

Влијанието на образованието не завршува во училницата. Начинот на кој децата се воспитуваат и образоваат директно се одразува врз општественото ткиво. Поттикнувањето етноцентристички и сегрегаторски ставови во рана возраст може да има долгорочни последици. А тоа се намалена социјална кохезија, зголемени тензии и ослабена доверба меѓу заедниците. Добро е што за ова се свесни и надлежните, а министерката за образование Весна Јаневска во повеќе наврати инсистира со образовната реформа да се направат длабоки промени во делот на мериторноста и компетентноста на сите засегнати страни во образовниот процес, заради квалитетот на образованието и воспитувањето на младите.
Во мултиетничко и мултикултурно општество, ваквите трендови не се само проблем на образованието туку и на стабилноста и иднината на државата.
Наставниците и образовните институции имаат клучна улога во обликувањето на вредносниот систем на младите. Тие не се само преносители на знаење туку и модели на однесување. Затоа, изборот меѓу овие две парадигми не е неутрален. Тој носи со себе одговорност.
Потребна е јасна стратегија што ќе го промовира инклузивното образование, ќе ги поттикнува заедничките вредности и ќе ги санкционира појавите што го нарушуваат тој процес.

Патот напред: Образованието како темел на заедништвото

Првиот пример од Струга покажува дека постои пат напред – кој води кон разбирање, почит и заедничка иднина. Но за да стане доминантен, потребна е посветеност од сите чинители: наставници, родители, институции и општеството во целина.
Изборот е мошне јасен. Дали ќе градиме генерации што ќе се препознаваат во заедничките вредности или ќе дозволиме образованието да стане алатка за продлабочување на поделбите? Одговорот на ова прашање ќе ја одреди иднината на општеството. Н.М.