Министерот за здравство Азир Алиу најави измени во Законот за здравствена заштита со кои ќе се овозможи продолжување на работниот ангажман на здравствените работници со долгогодишно искуство, со цел, како што рече, да се вреднува нивното знаење и придонес во системот.
Говорејќи на одбележувањето 80 години од постоењето на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Алиу истакна дека со предложените измени се предвидува пензионерите на возраст од 64 до 67 години да можат да продолжат да работат доколку има потреба, додека специјалистите над 67 години ќе можат да работат до 70-годишна возраст.
– Со ова се вреднува знаењето, искуството и придонесот на здравствените работници со долгогодишно искуство – истакна Алиу.
Тој нагласи дека грижата за повозрасните граѓани е приоритет за Министерството, оценувајќи дека односот кон пензионерите е показател за зрелоста и хуманоста на едно општество.
Дополнително, преку програмите на Министерството, како што посочи, е обезбедено бесплатно болничко лекување и ослободување од партиципација за пензионери со пониски примања, со што се намалува финансискиот товар и се подобрува пристапот до здравствени услуги.
– Осум децении посветена работа, солидарност и грижа за повозрасните граѓани се доказ за незаменливата улога на оваа организација во општеството – порача министерот во своето обраќање.
































