Државната комисија за спречување на корупција денеска на седница одлучи да поведе постапка пред надлежен орган за сомневање за злоупотреба на службена положба за директор и вд директор на Ученички дом. Според информациите добиени од надлежните органи, меѓу кои и Министерството за образование и наука, двете лица не ги исполнувале условите за вработување во Ученичкиот дом бидејќи не биле од редовите на вработените, во домот биле сместени и ученици кои не ги исполнувале условите за сместување во домот, како и ученици кои имале редовен превоз до училиштата каде што учеле, а истовремено земале и надомест за патни трошопцо за учебните 2021/2022 до 2024/2025 година.
Членот на ДКСК Сервет Демири рече дека сомневањата од пријавата се потврдуваат и предложи ДКСК да иницира постапка пред надлежен орган.
ДКСК добила анонимна пријава за пет лица, национални координатори именувани од Владата дека не ја пријавиле имотната состојба и притоа за тројца од нив било констатирано дека не го направиле тоа. Членот на ДКСК Софија Спасова Медарска реферираше дека двајца од нив пријавиле имотна состојба, за две лица е изречена глоба која веќе ја платиле, додека за третото лице е изречен прекршочен налог.
Постапка пред надлежен орган ДКСК ќе иницира и за случај во кој една општина несоодветно постапувала и свесно одолговлекувала постапка при пријава за нелегално изградена затоворена тераса на кафе бар. Членот на ДКСК Бесник Џемаили рече дека констатирана е нелегална доградба на куќа во која се врши угостителска дејност.
Постапка пред надлежен орган ДКСК ќе предложи и за случај на избор на директор на основно училиште во една општина кој согласно Закон немал соодветен сертификат за англиски јазик.
На седницата на ДКСК беа разгледани и се одлучуваше и за повеќе предмети поврзани со непријавување на имотна состојба од поранешни и актуелни општински советници и притоа претседателот на ДКСК Адем Чучуљ рече дека ќе бидат објавени имињата на сите лица кои не платиле глоба и/или не пријавиле имотна состојба.
Седницата на ДКСК продолжи по пауза од половина час, а членовите продолжија со разгледување на други предмети, пренесува МИА.
По завршувањето на оваа точка, ќе се разгледуваат предмети поднесени од укажувачи, а седницата во тој дел ќе биде затворена за јавноста.
































