(филмофилски импресии)
***
Филмофилски фрагменти се инспирирани само од дел од богатото режисерско творештво на Столе Попов, односно од три негови филмски дела, снимени со големо временско растојание („Оган“ 1974, „Дае“ 1979, „Џипси Меџик“ 1997), жанровски конструирани од кус документарец до игран филм, но со устројувачка линија важна за поводот на ова истражување – како постапките на магичниот реализам функционираат во трите значајни филма на Столе Попов.
Во одбраните филмови, магичните луциди се прифатени како очекуван, природен дел на реалноста, а режисерот ги преобразува во подлабоки увиди во човековата природа и соочувања со постојниот свет. Така, во „Оган“ гледачот се соочува со простор сам по себе необичен иако станува збор за постојна голема леарница. И неговата обземеност со сцената се продлабочува на она што пулсира низ татнежот на огнот. Во „Дае“ животот во привременото ромско живеалиште на брегот на Вардар е прикажан едновремено како напнат и ранлив, како реален и магичен, фолклорно и индивидуално ослободен. Во „Џипси Меџик“ режисерот ја раслојува филмската приказна на повеќе нивоа, ја разгранува во наративна мрежа на судбини и состојби, притоа задржувајќи ја сета таа заплетканост заедно. Живеалиштето, депонијата, коњот, возот, белиот чаршаф на кој се прикажува боливудски филм – се силни визуелни одредби во тврдоглавата виталност на ромскиот живот.
(продолжува)
































