Јиржи Хајичек, чешки писател
- Чешкиот писател Јиржи Хајичек, во организација на „Славика либрис“, ќе биде присутен на годинашниот Саем на книгата, кој се одржува од 23 до 29 април, во арената „Борис Трајковски“. Во издание на „Славика либрис“ се преведени две негови книги, најновата „Змеј на селскиот пат“ и „Едрилица на етикети“
На годинашниот Саем на книгата, на авторска средба во организација на ИК „Славика либрис“, ќе биде присутен чешкиот писател Јиржи Хајичек. Овој издавач преведе и објави две негови книги: најновата „Змеј на селскиот пат“ и „Едрилица на етикети“. Додека претходни негови книги преведени на македонски јазик се „Повикувач на дожд“, во издание на Антолог, и „Рибја крв“, во издание „Бегемот“. Јиржи Хајичек припаѓа во редот на најуспешните современи чешки писатели, неговите книги се преведени на англиски, германски, италијански, македонски, полски и други јазици. Во 2016 година е снимен филм според неговата книга „Крадците на зелени коњи“. Сите негови романи имаат свои театарски адаптации во театрите во Ческе Будјејовице и во Прага.
Како го доживувате вашето претставување пред македонската публика на Саемот на книгата во Скопјe?
– Навистина се радувам што ќе ја посетам земјата во која сè уште не сум бил и љубопитен сум и за самиот саем. Не се осмелувам да проценам до кој степен сум како автор интересен за македонската публика. Ќе оставам да бидам изненаден.
Вашите дела често се фокусираат на животот во рурални средини. Што ве привлекува кон овие теми и колку тие се универзални?
– Потекнувам од село, таму се моите корени. Исто така, неколку години работев на село, во земјоделството. Затоа ми се блиски селските теми, тие директно ме засегаат мене или посредно преку моите родители и дедовци и баби. Иако веќе многу години живеам во град, со задоволство се враќам на село. Насекаде луѓето ги живеат радостите и тагите, својата човечка судбина. И на село, исто така.
Во романот „Змеј на селскиот пат“ обработувате современи општествени и лични дилеми. Колку секојдневни гестови можат да бидат носители на надеж и отпор во време на големи општествени промени?
– Во овој роман го следам она што се случува со малите селски имоти наследени од предците. На некој начин се надоврзувам на мојот роман „Селски барок“, кој се навраќаше во минатото, во периодот на 1950-тите години во Чехословачка и времето на колективизацијата на земјоделството. Во 1990-тите години се одвиваше процесот на т.н. реституции, кога имотот им се враќаше на поранешните земјоделци. Денес се одвива одредено прегрупирање на земјоделскиот имот, големите компании често ги преземаат помалите земјоделски претпријатија. Тоа ме интересира: на кој начин се случува и како ги менува меѓучовечките односи во селото.
Во романот „Едрилица на етикети“, ликот на Марија се наоѓа меѓу лични преиспитувања, семејни обврски и нови средби. Дали оваа приказна ја истражува можноста за „нов почеток“ во зрели години?
– Сакам да пишувам од перспектива на мојата генерација, јунаците на моите романи стареат заедно со мене. Марија се соочува со прашања со кои и јас делумно се соочував на нејзина возраст. Секако, станува збор пред сè за фикција, но животните и генерациските чувства што ги внесувам во текстот често се мои. Со Марија тргнуваме на патување на навраќања, кон искрено соочување со старите семејни проблеми, но таму има и надеж и желба да се живее понатаму, да се радуваме на она што животот допрва може да го донесе.
Вашите книги веќе се преведени на македонски јазик од издавачката куќа „Славика либрис“. Колку ви значи тоа што вашето творештво добива нов живот на друг јазик?
– Ги ценам преводите на сите јазици, иако мора да кажам дека најчесто имам малку повратни информации кога станува збор за приемот на моите книги во странство. Понекогаш до мене стигнува некоја рецензија, на пример, за моите преводи на германски. Тогаш ми е драго што некој во странство се занимава со мојата книга и размислува за неа.
Вашите претходни дела, како „Рибја крв“ и „Повикувач на дожд“, исто така имаат силен одек меѓу читателите кај нас. Дали постои заедничка нишка што ги поврзува сите ваши романи?
– Тоа веќе го споменав во претходните одговори. Од една страна тоа се селските теми што ги поврзуваат моите романи, а од друга е стремежот да се пренесат одредено генерациско искуство, чувство и поглед на светот.
Колку чешката книжевна сцена денес е отворена кон современи теми и експерименти и каде се гледате себеси во неа?
– Мислам дека особено новата генерација на чешки писателки и писатели сака да истакнува современи и актуелни теми, а исто така и да експериментира. Јас повеќе им припаѓам на авторите што се држат до традиционални постапки и поконзервативни теми. Сепак, се обидувам да пишувам така како што мислам дека треба да изгледа текст што се занимава со нашата современост.
Што би им порачале на македонските читатели што допрва ќе се запознаат со вашето творештво – од која книга да почнат и зошто?
– Секогаш најмногу мислам на мојата најнова книга, а тоа е романот „Змеј на селскиот пат“. Во овие денови повторно му се навраќам и на романот „Повикувач на дожд“. Во овој период завршува снимањето на триделна мини-серија според оваа книга за Чешката телевизија. Го пишував сценариото, па, така, повторно си ја оживеав приказната.
































