Voena vezba Blesok 2026
Фото: АРМ

Со учество на околу 1.500 припадници на Армија на Македонија и поддршка од НАТО, од 19 до 27 април ќе се одржи теренската тактичка вежба „Блесок 26“ на воениот полигон Криволак и на повеќе локации низ државата.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, информираше дека вежбата претставува клучна фаза во оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група како НАТО-декларирана единица. Еден од главните аспекти ќе биде проверката на системот за командување и контрола, со цел негово дополнително унапредување.

„Блесок 26“ е дел од серијалот „Македонски Блесок“ и има за цел да ја демонстрира борбената готовност, тактичката обученост и интероперабилноста на единицата според НАТО-стандардите.

Директорот на вежбата, полковник Игор Арсовски, појасни дека оценувањето ќе го врши национален тим сертифициран од НАТО, под надзор на меѓународни монитори и набљудувачи од мултинационалните копнени сили.

Вежбата ќе се реализира со реалистични сценарија и употреба на спротивставени сили (OPFOR), со што ќе се тестираат командувањето, логистиката и оперативните способности на единицата.

Во рамки на активностите ќе се користи современа воена опрема, вклучувајќи оклопни возила JLTV, транспортни хеликоптери „ми-8/17“, артилериски системи како хаубици од 105 мм, минофрлачи од 120 мм, инженерски возила Husky за детекција на експлозиви, како и беспилотни летала.

Покрај активностите на Криволак, дел од вежбата ќе се одвива и во касарните во Штип, Прилеп и Петровец. Свеченото отворање ќе се одржи на 20 април во Пепелиште, додека завршницата и денот за високи гости се закажани за 27 април.

Подготовките за вежбата траеле осум месеци и вклучувале серија координациски активности со цел обезбедување целосна подготвеност и унапредување на соработката со НАТО-партнерите.