Фото: ЕПА

Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, стратешки документ кој ја поставува државата на пат кон енергетска трансформација, одржлив развој и усогласување со европските политики, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Планот е изработен по предлог на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските кон Енергетска заедница и европската регулатива.

 – Документот опфаќа вкупно 61 мерка, од кои 26 се насочени кон декарбонизација, 20 кон зголемување на енергетската ефикасност, три за енергетска безбедност, 11 за развој на внатрешниот пазар на енергија и една за истражување, иновации и конкурентност. Главниот фокус е намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на користењето на обновливи извори и подобрување на енергетската ефикасност, стои во соопштението на МЕРМС.

Во наредниот период се предвидуваат инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод во согласност со европските стандарди, развој на системи за складирање енергија и модернизација на енергетската инфраструктура. Истовремено, се планира постепено напуштање на јагленот како енергенс.

Планот вклучува и мерки за зголемување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови енергетски интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.

Од Министерството посочуваат дека документот е резултат на широк консултативен процес со учество на институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери, при што се вградени и препораките на Секретаријат на Енергетската заедница.

Со имплементацијата на планот се очекува подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска независност, нов инвестициски циклус и забрзана зелена транзиција, што ќе придонесе за економски раст и развој.