Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, порача дека улогата на институцијата не е само контрола, туку и заштита на системот, спречување на криминалот и обезбедување еднаква примена на законите за сите.
Говорејќи на настанот во Филхармонија по повод 34 години од постоењето на Царинската управа, тој истакна дека институцијата претставува клучна линија на одбрана на државата и столб на економската сигурност.
Николовски нагласи дека од почетокот на неговиот мандат во јули 2024 година до март годинава се постигнати значајни резултати, особено во борбата против нелегалните активности. Спречени се над 2.700 обиди за незаконски дејствија, а поднесени се вкупно 332 кривични пријави против 761 физичко и 254 правни лица.
Во делот на финансиските резултати, тој посочи дека приходите во буџетот бележат значителен раст. Само во втората половина од 2024 година биле наплатени 64,6 милиони евра повеќе во споредба со истиот период претходната година, додека во 2025 година приходите се зголемени за 105 милиони евра. Трендот продолжува и годинава, со дополнителни 23,7 милиони евра во првиот квартал.
Николовски информираше и за реформските активности, посочувајќи дека се реализираат проекти во вредност од 30 милиони евра, финансирани со поддршка од Европска Унија, Република Кореја и Светска банка. Овие инвестиции, според него, ќе придонесат за поголема конкурентност на економијата и забрзана интеграција во европскиот пазар.
Николовски порача дека ќе продолжи бескомпромисната борба против криминалот, нагласувајќи дека нема да има толеранција за незаконско однесување, а чесните компании ќе имаат сигурност и предвидливост во работењето.
Во своето обраќање, тој упати благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, како и до меѓународните партнери, Амбасада на САД, Обединето Кралство, ОБСЕ и бизнис-заедницата.
На крајот, Николовски им се обрати на царинските службеници, потенцирајќи дека нивната професионалност и интегритет се клучни за довербата на граѓаните во институциите, со порака дека законот мора да важи подеднакво за сите и дека нема простор за компромис со криминалот.































