Резултати по парламентарните избори во Унгарија
- Се смета дека власта на новиот унгарски премиер Петер Маѓар ќе ги подобри односите со Европската Унија, но поранешниот висок функционер на партијата Фидес, Маѓар, најави и дека ќе зачува некои од политиките на досегашниот премиер Виктор Орбан
Новоформираната партија Тиса на Петер Маѓар оствари убедлива победа на изборите одржани изминатиот викенд во Унгарија, со што означи крај на шеснаесетгодишниот мандат на премиерот Виктор Орбан со изборниот пораз на неговата партија Фидес.
Тиса освои 138 места во унгарскиот парламент, наспроти 55 места на Фидес според првичните резултати по обработени 97 отсто од гласовите, додека шест места освои десничарската партија Ми Хазанк. Партијата на Маѓар доби над три милиони гласа, додека Фидес на Орбан освои околу два и пол милиони гласа. Одлика на унгарските избори беше и високиот одзив од речиси 80 отсто.
Орбан набргу по објавувањето на првичните резултати му ја честита победата на својот политички ривал Маѓар. Орбан во првиот мандат беше премиер од 1998 до 2002 година, по што помина осум години во опозиција, за да се врати на власт во 2010 година, при што ја извршуваше премиерската функција 16 години.
Маѓар се обрати на собир наспроти унгарскиот парламент, набргу по објавувањето на изборните резултати.
– Демократска Унгарија никогаш не видела толку многу луѓе да излезат да гласаат. Како што ветивме и се надевавме, Унгарија и милиони Унгарци повторно испишаа историја, на истиот ден кога пред 23 години гласавме на референдумот за влез на Унгарија во ЕУ – порача Маѓар.
Идниот премиер на Унгарија најави дека ќе воспостави систем на контрола на власта и ќе почне процеси за истражување на корупцијата, како и дека ќе спроведе смени во судството и во обвинителството. Маѓар вети дека „Унгарија отсега ќе биде лојална и конструктивна членка на ЕУ и НАТО“.
Поранешниот висок функционер на партијата Фидес, Маѓар, најави и дека ќе зачува некои од политиките на Орбан, пред сѐ за контрола на миграцијата. Притоа ќе останат социјалните програми што ги воведе Орбан за поттикнување на наталитетот и за поддршка на семејствата и повозрасните жители. Маѓар, кој има построги антиимигрантски ставови од Орбан, вети и дека ќе ја укине владината програма за „гостински работници“.
Во однос на надворешната политика, Маѓар исто така одбива испраќање оружје во Украина и се спротивставува на нејзиното брзо интегрирање во ЕУ, иако има поблага реторика кон Киев, а упати и критики кон Русија. Р.С.































