Фото: Општина Гостивар

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, градот Гостивар
доби свечен и топол празничен изглед. Централните улици, плоштадот и
повеќе јавни простори се украсени со симболи на Велигден, разнобојни
декорации и светлосни елементи кои создаваат посебна атмосфера за сите
граѓани.

Од Општина Гостивар информираат дека украсувањето на градот не е само
естетски чекор, туку носи и подлабока порака.

– На ваков начин сакаме да испратиме порака дека во нашиот град се
почитуваат различностите, а соживотот и заедништвото на нашите граѓани
да дојде до израз. Освен тоа, ова придонесува и во создавањето на
празнична атмосфера- наведуваат од службата за информирање.

Граѓаните веќе ги споделуваат позитивните реакции, истакнувајќи дека
украсениот град внесува радост, особено кај најмладите, но и кај сите
оние кои ги чествуваат празниците. Празничната декорација истовремено го
разубавува урбаниот амбиент и го поттикнува чувството на припадност и
заедништво меѓу луѓето.

Од општината најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со вакви
активности, со цел Гостивар да биде град во кој се негува
мултикултурализмот, меѓусебната почит и заедничкото одбележување на сите
значајни празници.