Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, оцени дека новиот закон за забрана на пушење ќе биде најпрогресивен во регионот, но неговата успешна примена ќе зависи од поддршката на граѓаните, пренесе МИА.
Тој посочи дека во земјава дури 45 проценти од возрасните се пушачи, што сериозно го зголемува ризикот од малигни заболувања. Според него, и покрај вложувањата во скрининг, дијагностика и третман, без превенција ќе биде тешко да се постигнат значајни резултати.
Клековски нагласи дека донесувањето закон е полесниот дел, додека клучно е неговото доследно спроведување, особено имајќи предвид дека веќе постојат законски ограничувања кои не секогаш се почитуваат. Новото законско решение, како што рече, ќе предвиди повисоки стандарди, но ќе бара одговорност од сите.
Тој додаде дека здравствениот систем паралелно работи на унапредување на третманот на ракот, дијагностиката и генетските истражувања, но дека во иднина фокусот треба да биде ставен и на скрининг-програмите и промената на животните навики.
Според него, со зголемените вложувања во институциите како МАНУ, Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет и Институтот за патологија, се создаваат услови за побрза и поефикасна дијагностика на пациентите. Сепак, проблеми и понатаму постојат во делот на скринингот, каде што недостига опрема, како мамографи и колоноскопи, но и медицински кадар.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, апелираше на поголема свесност кај граѓаните и навремено реагирање на симптомите, посочувајќи дека често пациентите доаѓаат во напредна фаза на болеста.
На прес-конференцијата беше истакнато дека буџетот за Онкологија континуирано расте – од околу 10 милиони евра во 2017 година, на приближно 57 милиони евра за 2026 година, што претставува зголемување од 14 проценти во однос на минатата година. Ова, според надлежните, ќе овозможи поголем опфат на терапиите и подобар квалитет на живот за пациентите со канцер.

































