Sudenje Onkologija Nino Vasev
Фото: МИА

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 1“, при што вештакот Давор Радославевиќ од Србија одговараше на вкрстени прашања од одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев. Тој во своето вештачење укажа на пропусти во лекувањето и недоволно следење на пациентите, додека одбраната тврдеше дека не му била доставена целосната медицинска документација, пренесе МИА.

Радославевиќ, кој го изработил вештачењето за обвинителството, беше испрашуван во насока на тоа со какви анализи и медицински податоци располагал за пациентите пред и за време на нивното лекување. Обвинението се однесува на вкупно 47 пациенти, додека српското вештачење опфаќа 16 пациенти, од кои 14 се дел од обвинението. По директното испрашување од обвинителството на претходните рочишта, денешното и утрешното рочиште се посветени на вкрстено испрашување од одбраната.

Во својот наод, вештакот констатирал дека пациентите „биле неправилно лекувани и дека нивната здравствена состојба била влошена и со тоа нивниот животен век бил скратен“, дека редоследот на терапиите не бил почитуван, како и дека од анализираните пациенти само кај еден имало психопатолошки наод, кај неколку имало наоди од молекуларна патологија, додека останатите анализи не биле редовно и систематски правени.

Одбраната, пак, посочи дека вештакот не располагал со целосна документација, ниту ги земал предвид националните македонски упатства за лекување на онколошки пациенти. На прашање дали без клучни докази, како КТ наоди и други анализи, е отежната проверката на дијагнозата и терапијата, Радославевиќ појасни дека пациентите кои примаат онколошка терапија мора да бидат соодветно следени.

-Сите пациенти имаа еден или повеќе КТ наоди. Ова мора да е погрешно запишано. Никогаш не би рекол дека никој од пациентите немал КТ наоди. Во извештаите се споменуваат повеќе КТ наоди, но и претходно кажав не било тоа правено систематски и заведувано соодветно и редовно за сите пациенти во текот на нивното лекување – рече вештакот.

Во однос на прашањето дали се работи за постфактум медицинска евалуација, тој одговори дека не навлегува во теоретски аспекти, но нагласи дека одлуките во редовни услови треба да се носат согласно утврдени правила и протоколи.

-Онколошките пациенти кои се метастатски, најчесто како што се гледа од приложената документација немаат продолжен живот и затоа оваа постапка која подразбира нередовни вонредни околности за одлучување, не може да биде основ за одлучување во редовно работење, поготово во терцијална онколошка установа. Значи, ако работеле луѓето и апаратите, тогаш одлучувањето е редовно согласно правилата и прописите – изјави вештакот.

Тој додаде дека во својата анализа не го земал предвид конечниот исход, туку се фокусирал на поврзаноста меѓу причините, извештаите и рационалноста на терапијата.

-Првенствено, воопшто го немав предвид исходот за конкретните пациенти и за ова детално одговорив – рече сведокот.

На дополнително прашање, потврди дека стои зад заклучокот дека кај дел од пациентите лекувањето било неправилно и дека тоа довело до влошување на состојбата и скратување на животниот век.

Во однос на терапиите, тој посочи дека се водел според меѓународните препораки, особено оние на European Society for Medical Oncology, кои, како што рече, препорачуваат одредени линии на лекување, иако не се строго обврзувачки.

-Јас навистина се водев кон таквите препораки и укажував на недоследности на примена на ЕСМО само таму каде што беа во расчекор со препорачаните линии на лекување – рече вештакот.

Во делот на документацијата, Радославевиќ нагласи дека не видел јасно означен перформанс статус (ЕЦОГ), ниту доволно податоци за придружни болести и токсичност кај пациентите, освен во изолиран случај.

-Во документацијата не можам да наведам пример за придружни болести, а како редок пример за воочена токсичност наведувам кај пациентка која по примена хемотерапија имала афти во устата и се советува намалување на дозата – рече вештакот.

Во текот на распитот, Нино Васев поставуваше прашања за конкретни пациенти, при што вештакот одговори дека за дел од нив не располагал со целосни наоди, вклучително и оригинални лабораториски резултати.

-Реков дека не видов оригинален наод кога пациентот бил лекуван од карцином на бели дробови, а по втората операција на штитна жлезда во документацијата постои ХП наод кој го видов во целина и кој говори за слабодиференциран спамозен тип карцином – изјави вештакот.

Во однос на лековите, вештакот појасни дека се водел според европските стандарди, а не според одобренијата на Food and Drug Administration.

-Зборував за меѓународните препораки, но добро е секоја земја да има и свои национални препораки – изјави вештакот.

Тој истакна дека дел од терапевтските практики кои биле применувани се веќе застарени.

-Зборуваме овде за клиничка пракса и сите знаат дека оваа 15 години стара пракса е надмината и целата примена на хемотерапија е надмината и дека примена без позната мутација денеска е повеќе логистички проблем, отколку биолошка категорија, бидејќи сите пациенти со карцином во европските онколошки центри треба пред почеток на лекување да се тестираат на ЕГФР – рече сведокот.

Случајот е во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, додека обвинението го застапува јавната обвинителка Марија Ѓорѓева од Основно јавно обвинителство Скопје.

Покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, додека претходно обвинетата Мери Пешевска призна вина и доби условна казна затвор од две години.

Обвинението се однесува на продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 47 пациенти биле применети несоодветни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба. Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор е поднесено и обвинение за злоупотреба на службената положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.