ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

Шахистите почнаа со три победи, сите партии кај шахистките беа реми

Турнирите на кандидатите во Пафос (Кипар) за предизвикувачи на актуелните светки прваци во шах почнаа со победи за Јавокир Синдаров (2.745 рејтинг-поени) од Узбекистан на дуелот со Андреј Есипенко (2.698) од Русија, Прагнананда Рамешбабу (2.741) од Индија над Аниш Гири (2.753) од Холандија и во дербито на колото, Фабијано Каруана (2,795) по 83 потези (најмногу во ова коло) го надигра прворангираниот пред почетокот, Хикару Накамура (2.810), двајцата од САД. Единствена партија со реми е таа меѓу Германецот Матијас Блубаум (2.698) и Кинезот Веи Ји (2.754).
Кај шахистките, Александра Горјачкина (2.534) од Русија ремизира со сонародничката Катерина Лагно (2.508), во партија со најмногу потези во колото (73). И во другите дуели беа видени ремија, Дивја Дешмух (2.497) од Индија со Ана Музичук (2.522) од Украина, Ваишали Рамешбабу (2.470) од Индија со Бибисара Асаубаева (2.516) од Казахстан и кинескиот дуел Жу Џинер (2,578) – Тан Жонгји. Победниците во двете конкуренции ќе ги предизвикаат актуелните светски прваци, Домараџу Гукеш од Индија, односно Ју Венјун од Кина.
И во навивачката зона беше еднакво живо. Презентерката на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Ангелика Валкова, беше домаќинка на предавање со поранешниот светски шампион, Индиецот Вишванатан Ананд, како и на мастерклас за деца, предводен од поранешната светска шампионка, Швајцарката Александра Костенјук, комбинирајќи коментари во живо со интерактивно ангажирање на публиката, пишува ФИДЕ. Г.И.


ФОРМУЛА 1

Антонели сака да продолжи да ја крева летвичката

Италијанскиот тинејџер Кими Антонели (19) изјави дека сака да продолжи да ја крева летвичката откако испиша историја во Формула 1 (Ф1) со својата победа во трката за големата награда на Јапонија, пишува агенцијата „Ројтерс“. Успехот во неделата го направи најмладиот лидер во шампионатот во Ф1, одземајќи го рекордот од Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион, кој водеше на табелата како 22-годишник во својата дебитантска сезона во 2007 година. Антонели исто така стана првиот Италијанец што победил на две трки по ред во Формула 1 од Алберто Аскари во 1953 година, пишува „Ројтерс“.
– Не размислувам премногу за шампионатот. Секако дека е одлично, но уште е долг пат. Мислам дека треба да ја држиме главата надолу и да продолжиме да ја креваме летвичката – рече Антонели, кој ја оствари својата прва победа во Формула 1 во Кина пред само две недели и ја напушта Јапонија, третата рунда од сезоната, со девет бода предност пред тимскиот колега Џорџ Расел. Н.М.