Вие ни пишувате: Актерката Марија Новак на гости во ООУ „Кочо Рацин“ во Охрид
По повод Светскиот ден на театарот, во централното училиште „Кочо Рацин“ во Охрид се одржа посебен инспиративен час што остави силен впечаток кај учениците од трето одделение и кај нивната наставничка Виолета Петковска. Гостинка на настанот беше познатата актерка Марија Новак, препознатлива по улогите во незаменливите македонски серијали за деца „Светот на бајките“, „Дајте музика“, „Македонски народни приказни“, како и во голем број други претстави за деца и за возрасни.
Учениците од трето одделение активно учествуваа во разговорот со гостинката, поставувајќи прашања со помош на техниката „коцка“. Во пријатна и опуштена атмосфера, Марија Новак искрено и топло одговараше на нивните прашања за нејзините почетоци, сценското искуство, тремата и љубовта кон глумата.
Особено внимание привлече нејзиниот совет до децата што сонуваат да станат глумци – да веруваат во себе и да не се откажуваат од своите соништа. Таа раскажуваше и интересни случки за улогите што ги играла, што предизвика голем интерес и насмевки кај учениците.
Во активностите се вклучија и учениците од прво одделение, кои преку гатанки се запознаа со основните поими поврзани со театарот – актер, глумец и театар.
Овој настан уште еднаш потврди дека најсилен впечаток кај децата оставаат часовите исполнети со живо искуство, инспирација и директна средба со актер.
Виолета Петковска,
професорка по одделенска настава, наставничка ментор

































