Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека повторното воспоставување на линијата меѓу Скопје и Будимпешта претставува значаен чекор за унапредување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот.

По пристигнувањето во Будимпешта, каде престојува во политичко-економска посета на Унгарија, Мицкоски истакна дека новата линија ќе ја олесни мобилноста на граѓаните и ќе придонесе за поголема културна размена.

– Дополнително, македонските граѓани можат слободно да патуваат, што значително ќе ја олесни мобилноста и ќе поттикне културна размена. Ваквите иницијативи се важен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и приближување кон европските стандарди – објави Мицкоски.

Во рамки на посетата, премиерот ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а најавено е и негово обраќање на бизнис-форумот во Будимпешта, посветен на економската соработка меѓу двете земји.

Главни теми на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, економската соработка, како и актуелните регионални и европски прашања.

Во состав на владината делегација се вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, како и повеќе директори на државни институции и агенции.

Посетата има за цел продлабочување на економските врски и отворање нови можности за соработка меѓу Македонија и Унгарија.