Фото: Обвинителство

За првпат е потпишан поединечен колективен договор за вработените во Јавно обвинителство на Македонија, со што се уредуваат правата и обврските на јавнообвинителската служба.

Договорот го потпишаа јавниот обвинител Ненад Савески, претседателот на Синдикат на УПОЗ Трпе Деаноски и претседателката на синдикалната организација при обвинителствата Изабела Илиева.

Ова е првпат правата на вработените во јавнообвинителската служба да се гарантираат со ваков договор, кој предвидува и етапно зголемување на платите, почнувајќи од март 2026 година.

– Потпишувањето на Колективниот договор претставува значаен исчекор за статусот на јавнообвинителската служба и создавање услови за поефикасна работа – истакна Савески.

Тој изрази задоволство што договорот се реализира на почетокот на неговиот мандат, нагласувајќи дека ова е дел од напорите за унапредување на правата на вработените и подобрување на функционирањето на институцијата.

Во рамки на средбата со синдикалните претставници се разговарало и за законските решенија поврзани со јавното обвинителство и јавнообвинителската служба, кои се во тек на процедура.

Од двете страни беше изразена подготвеност за понатамошна соработка и континуирана комуникација со цел унапредување на условите за работа и ефикасноста на обвинителствата.