Максималната малопродажна цена на бензините од ноќеска на полноќ се намалува за 2,5 до 3 денари по литар, а цената на дизелот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 2,5 денари по литар, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 за 3 денари така што новата максимална малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 е 84 денари за литар, на ЕУРОСУПЕР БС-98 е 85,5 денари, а на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) и натаму ќе биде 95,5 денари. Максималната малопродажна цена на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) се зголемува за половина денар и ќе биде 92,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 0,663 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 50,41 денари.
РКЕ ја информира јавноста дека поради актуелните случувања на светските берзи на цени на нафта и нафтени деривати, а со цел амортизација на влијанието на домашниот пазар и заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата, донесе одлука со која го намали износот на трошокот за работење преку склад и наместо досегашните 1,7 денари за литар, ќе изнесува 1,2 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 3,758 отсто, кај дизелот има зголемување за 1,604, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 2,151, а кај мазутот има намалување за 1,055 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5414 отсто.































