Фото: „Нова Македонија“

Редакциска опсервација

  • Лекција на отворена сцена: Како хрватскиот претседател на Социјалдемократската партија направи политичка вивисекција на промашувањата на македонските социјалдемократи среде Скопје 

Хрватскиот претседател на Социјалдемократската партија (СДП), Хајдаш Дончиќ, при својата посета на Македонија испорача ретко директна, но дипломатски прецизна лекција до своите македонски идеолошки партнери. Настапот, кој по форма беше пријателски, а по суштина остро критички, отвори длабоки прашања за стратегиските грешки на македонските социјалдемократи и нивниот пристап кон клучните национални прашања.
Во контекст на долгогодишните политички компромиси на Македонија во однос на европската интеграција, Дончиќ јасно ја постави границата меѓу идеолошката припадност и националниот интерес. Неговата порака беше недвосмислена: европскиот пат не смее да биде алиби за отстапки што го поткопуваат идентитетот.

Има и „Срамота за Европа“, но има и идеолошко (сдсмовско) поткопување на македонските национални фундаменти

Во својот јавен настап, Дончиќ отворено ги критикуваше притисоците врз Македонија од страна на Грција и Бугарија, оценувајќи дека: „Она што ви го правеа и што уште ви го прават Грците и Бугарите на европскиот пат е европска срамота. Тие работи треба да останат билатерални, да ги решава Македонија со Грција и со Бугарија, а не да постојат вета, некакви забрани за македонскиот пат во Европа“.
Оваа изјава претставува сериозен укор не само кон европските институции туку и кон македонските власти, кои дозволија билатералните спорови да станат инструмент за блокада на евроинтегративниот процес.

ЕУ како средство, а не цел

Една од најсилните пораки на Дончиќ беше неговото нагласување дека: „ЕУ е само средство за остварување на вашите национални цели“.
Со оваа реченица, тој ја разоткри суштинската грешка на македонската социјалдемократска политика – замената на средството со целта. Наместо членството во Европската Унија да биде алатка за подобар живот, тоа беше третирано како апсолутна вредност, дури и по цена на отстапки во идентитетските прашања!
Кога идеологијата отстапува пред националниот интерес

Дончиќ, иако претставник на социјалдемократска идеологија, јасно стави до знаење дека ниту една политичка доктрина не смее да биде над националниот интерес. Напротив, националниот суверенитет, интегритетот и идентитетот се темелите врз кои се гради секоја политика.
Оваа позиција директно го доведува во прашање курсот на македонските социјалдемократи, кои, според критичарите, направија сериозни отстапки и штети во однос на името, јазикот и историското наследство, елементи што претставуваат суштина на националниот идентитет.

Историска блискост и предупредување за иднината

Во својот говор, Дончиќ ја истакна и традиционалната блискост меѓу Македонија и Хрватска: „Македонија низ историјата секогаш била во извонредно добри односи со Хрватска, и стопански и културни и политички. Така и ќе остане“.
Но веднаш потоа следуваше и неговото предупредување.
– Патот кон ЕУ е тежок, Унијата не е идеална, но за мали народи таа е најдобрата достапна опција – истакна тој. Но се разбира дека зборовите на неговата изјава не се само обичен текст туку е контекст, во кој треба да се сфати и суштината дека за членување во Унијата не треба да се прифаќа услов во кој ќе се изгуби суштината на државата и нацијата.

Продадени државни белези и погрешна стратегија

Клучното прашање што произлегува од оваа посета е дали веќе и идеолошки блиските партии од регионот, па и од ЕУ, дипломатски ставаат до знаење дека се свесни дека македонските социјалдемократи лукративно „истргуваа со националниот супстрат“, а што беше голема грешка и нанесе ненадоместлива штета што сега својски мора да се потрудат да ја исправат.
Дончиќ, исклучително со дипломатски настап, испрати јасна порака дека напуштањето на идентитетските позиции НЕ е компатибилно со ниту една идеологија, вклучително и социјалдемократската.
Ова отвора простор за поширока европска дебата. Имено, дали европската перспектива беше погрешно поставена како врвен приоритет на штета на националните интереси за Македонија?
Се разбира дека ова прашање е апсолвирано во Македонија, но очигледно во либерален Брисел сѐ уште не е, па Дончиќ се обидува да контрааргументира од центарот на Стариот Континент, од Македонија.

Ставот на Дончиќ не е само критика, таа е и лекција, поука, порака…

Настапот на Дончиќ може да се чита како повик за преиспитување и корекција. Тој индиректно им порача на македонските социјалдемократи дека довербата на граѓаните не може да се врати без јасна одбрана на националните интереси.
Историјата, како што имплицира неговата порака, не им простува лесно на оние што ги занемаруваат темелите на сопствената државност и дозволуваат да исчезнат од политичката сцена како релевантен фактор доколку темелно не се реструктурираат.
Ставот на Дончиќ не е само критика туку таа е и лекција, поука, порака. Европа останува цел, но не по секоја цена. За Македонија, вистинскиот предизвик не е изборот меѓу Европа и идентитетот, туку пронаоѓањето начин тие да коегзистираат.
Дел од македонските политички елити ја научија оваа лекција, а еден дел – не!
Хрватскиот претседател на Социјалдемократската партија (СДП), Хајдаш Дончиќ, со добра намера дојде да пренесе лекција што не ја научил дел од македонскиот политички пејзаж. Доколку не ја сфатат сериозно и продолжат по патот што веќе покажа сериозни последици, историјата сигурно ќе им го заклучи патот кон иднината, заради доброто на Република Македонија и просперитетот и благосостојбата на македонскиот народ, чија борба жестоко продолжува, поради компликациите од причинителите што веќе и хрватскиот гостин Хајдаш Дончиќ добро ги знае. Н.М.