Фото: ЏФМ

ЏУДО

  • На конференцијата имаше претставници од Џудо-федерацијата на Македонија, односно беа присутни претседателот Владимир Трпаноски и стручниот соработник Горан Мицкоски

Во организација на Факултетот за безбедност – Скопје се одржа научно-стручна конференција на темата „Психофизичка подготвеност на припадниците на безбедносните институции во Македонија“. На конференцијата имаше претставници од Џудо-федерацијата на Македонија, односно беа присутни претседателот Владимир Трпаноски и стручниот соработник Горан Мицкоски. На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тошковски.
Претседателот на ЏФМ, Трпановски, истакна дека Интернационалната џудо-федерација стои зад сериозни проекти за Македонија, насочени кон подобрување на психофизичката состојба на припадниците на МВР и на Армијата на Македонија. Настанот претставуваше одлична можност за размена на знаења, искуства и идеи, со акцент на унапредување на психофизичката подготвеност како клучен сегмент во функционирањето на безбедносните институции, се вели во соопштението на ЏФМ.
ЏФМ беше активна и вчера, кога во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје беше закажано Првенството на Македонија во џудо во сениорска и во пионерска конкуренција. На татамите беа пријавени најдобрите натпреварувачи од клубовите низ Македонија, кои се натпреваруваат во повеќе тежински категории. Според најавите, натпреварувањето е испланирано во одлични услови, на стандардни џудо-татами, што, пак, овозможуваше динамични и квалитетни борби. Овој настан истовремено претставува значаен дел од националниот календар на ЏФМ, како и значаен чекор во подготовките за претстојните меѓународни настапи годинава, велат од ЏФМ. Г.И.