Дебитантот Вардар ЕМ е освојувач на 33. издание од Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција, откако во финалето со 3:0 (25:22, 25:12, 25:22) го победи бранителот на титулата Наковски Волеј.
Каква куп-бајка, апсолутна сензација беа „црвено-црните“ девојки, не само во финалето, туку и низ целото куп-натпреварување годинава и стигнаа до историски клупски пехар. Тимот на Јован Шапе покажа константност која стартуваше во осминафиналето по победата над Фит Фан Волеј, потоа елиминираа фаворит, Работнички Скопје, а потоа во полуфиналето ги „исфрлија“ и Газели Волеј. Ниту бранителот и еден од најсериозните кандидати за шампионската титула Наковски Волеј не успеа да им застане на патот.
Подобро отворање не можеше да посака дебитантот во куп-финалето, Вардар ЕМ, со серија од 3:0 на стартот, која со одличниот сервис на Ива Стојчевска ја претвори во водство од 8:1. Се обиде Хари Наковски да ги смири своите девојки, со тајм-аут, но не успеа во тоа. Потребно беше да направи промена во поставата струмичкиот тренер за неговата екипа да ја стабилизира играта. Во прилог им одеа и техничките грешки кои ги направија „вардарки“, па првото изедначување стигна на 14:14. Но тогаш се „разбуди“ блокот на „црвено-црните“ за нова предност од 18:14, односно 20:15. Вардар ЕМ иташе кон убедливо освојување на првиот сет, но му беа потребни дури шест сет-топки на Вардар ЕМ за да поведе со 25:22.
Вториот сет понуди неизвесност само за кратко (2:2), а потоа одново иницијативата ја презема дебитантот. Наковски беше принуден да ги земе и двата тајм-аути во кус временски период затоа што неговата екипа беше комплетно надвор од фокус. Убедливи 16:6 имаше Вардар ЕМ во средината на вториот сет, а бранителот на титулата немаше никакво решение за играта на противникот. Влегуваа од грешка во грешка, а тоа ги чинеше убедливо загубен сет, 25:12.
По негативата од 2:0, Наковски Волеј комплетно ја загуби својата игра, па „вардарки“ во третиот сет влегоа со 8:0, односно 14:4. Јасно беше дека му се „лизна“ од раце куп-пехарот на струмичкиот состав, кој со сите сили се обидуваше да се избори за пресврт. Се доближија на 19:16, односно 22:21 Наковски Волеј, но од „црвено-црниот“ табор не оставија ништо на случајност, реагираа со пауза од 30 секунди и со 25:22 и победа од 3:0 стигнаа до историски пехар.
Капитенот на Вардар ЕМ Ана Јаничиќ беше прогласена и за најкорисен играч на Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција.

































