Фото: МИА / Илустрација

Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по пауза поради одбележувањето на годишнината од трагедијата, денеска повторно одржаа протестен марш, барајќи правда за своите деца.

Маршот, познат како „Марш за ангелите“, се одржа по веќе утврдена маршрута – од Паркот на Револуцијата, преку Трговскиот центар, зградата на Управата за јавни приходи и полициската станица, до Основниот суд и Обвинителството во Кочани.

Протестот беше 39-ти по ред, а родителите повторно ги истакнаа своите барања за одговорност и транспарентност во постапките.

Тие изразија сериозна загриженост поради одлуката на Советот на јавни обвинители да не го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, која го водеше предметот за обвинетите полицајци поврзан со трагедијата.

Според нив, промената на обвинителот може да доведе до застој во постапката, бидејќи новиот обвинител ќе треба од почеток да се запознае со случајот и доказите, што носи ризик од дополнителни одложувања.

– Трајчева беше целосно запознаена со предметот и работеше на него подолг период. Нејзиното отстранување не е во интерес на правдата и ефикасноста. Бараме таа да биде вратена на случајот – изјави Александар Наунов, претседател на здружението „16 Март 2025 г. Кочани“.

Родителите се обратија и до Институтот за судска медицина, изразувајќи незадоволство што сè уште нема одговор дали при обдукциите биле направени хемиски анализи за присуство на цијанид.

Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан, изјави дека уште пред два месеци испратиле допис до Хемискиот факултет и Судска медицина, но не добиле конкретен одговор.

– Наместо одговор, добивме тишина. Во меѓувреме постојат сериозни наводи дека при пожарот се ослободувал цијанид. Ако тоа е точно, прашањето е кој ќе сноси одговорност – истакна Тасева.

Родителите најавуваат дека ќе продолжат со протестите сè додека не добијат целосна правда и одговори за трагедијата.