Вечерва, со почеток во 20:30 часот, во новите простории на „Буква“, на Рузвелтова 5А, ќе се случи промоција на првата стихозбирка на Мартин Џорлев, „На Балкан, сам“. Стихозбирката ја сочинуваат текстовите на песните од музичкиот проект „На Балкан, сам“ од бендот „Животни“, како и фотографии и куси осврти кон албумот и кон песните застапени во книгата.
– Песните осмислено зборуваат, пеат за младешкиот идентитет, бивањето млад човек во оваa доба, во овој регион, во овие земји. Лирскиот субјект на моменти е носталгичен, на моменти е тажен, почесто е оптимистичен и радосен и често се навраќа кон минатото, кое секогаш е во некаква паралела со неизвесната иднина. Тој во неколку наврати реферира и на наследството на колективноста што е вкоренета во бившите југословенски земји, а која денес, во нашата генерација, е донесена на ниво на решение за проблемите што постојат меѓу нас. Таа колективност е лајтмотив на албумот, а се потврдува токму со стиховите ‘Ние сме млади / засекогаш млади’ – наведува во својот осврт Андреј Медиќ Лазаревски, кој ќе ја промовира книгата.
Книгата „На Балкан, сам“ е објавена како втора книга во едицијата „ПоезијаМинус“ на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, а на неа работеа Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова како уредници, Јованчо Димоски како технички уредник и дизајн на корица, Љупка Евроска ја направи лектурата, а фотографиите се на Теодор Тасевски.
По промоцијата на книгата ќе следува концерт на бендот „Дивоградба“.































