Објавена „Македонски литературни оази“ од Влахов-Мицов
„Матица македонска“ објави уште едно издание со кое ја чествува 35-годишнината од формирањето – книгата „Македонски литературни оази“ од Стефан Влахов-Мицов. Книжевната наука добива исклучително важно дело, кое покажува дел од македонските литературни оази во различни периоди од македонската историја и од борбата за нивното зачувување и опстојување.
Книгата на Влахов-Мицов е составена од три целини: „Македонски духовни оази во време на ропство и окупации“, „Светски дострели во македонски дух“ и „Предупредувања за иднината“. Во првиот дел на „Македонски литературни оази“ се претставени творечките профили на Ѓоргија Пулевски, Крсте Мисирков, Никола Вапцаров и Кочо Рацин.
На фонот на македонските книжевници во вториот дел на XIX век, Ѓоргија Пулевски е неповторлива појава. Како што подвлекува Влахов-Мицов, од една страна, тој не дава изјави паушално врз одделните белези на нацијата: јазикот, територијата, историјата итн, туку дава целосен концепт за македонскиот народ и нација. Од друга страна, македонскиот народ и нација се поставени во контекстот на словенските народи и на другите народи во светот. Потврда за тоа се трудовите на Пулевски, на кои Влахов-Мицов се осврнува во обемна студија во книгата. Главниот акцент во профилот на Крсте Мисирков и во „Македонски литературни оази“ е ставен на книгата „За македонцките работи“, каде што се претставени најсуштинските теоретски и практични проблеми пред Македонците и Македонија. Вториот дел од книгата, насловен „Светски дострели во македонски дух“, ги претставува профилите на творците Ацо Шопов, Блаже Конески и Петре М. Андреевски. Посебно внимание во книгата им е посветено на творбите на Блаже Конески – патријархот на новата македонска култура, како што го нарекува и Влахов-Мицов, а одделно е анализирана и „темната вселена“ на Петре М. Андреевски, претставена во неговите книги „Дениција“, „Пиреј“ и „Небеска Тимјановна“. Третиот дел на книгата го анализира творештвото на Анте Поповски.
„Македонски литературни оази“ од Стефан Влахов-Мицов е само едно од многуте изданија важни за македонската книжевност, лингвистика, култура и воопшто национална историја, кои „Матица македонска“ ги објавува по повод големиот јубилеј – 35 години од основањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија.































