Министерство за внатрешни работи соопшти дека брзо го расчистило денешното убиство во Охрид, при што осомничениот е лишен од слобода, пренесе МИА.
Според информациите, денеска во 17.20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, постапувајќи по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид, го привеле Ж.Г. (53), кој се сомничи за кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Претходно, во СВР Охрид во 8.24 часот било пријавено дека во семејниот дом на улицата „Нада Филева“ во Охрид, без знаци на живот бил пронајден 76-годишниот К.М.
На местото на настанот бил извршен увид од јавен обвинител и полициски екипи, додека лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.
Од МВР информираат дека по целосно расчистување на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.



































