Министерот за здравство, Азир Алиу, се обрати на отворањето на четвртата Балканска школа за педијатри, настан кој, според Министерство за здравство, претставува важна платформа за размена на знаење, соработка и професионален развој.
Во своето обраќање, Алиу истакна дека педијатријата е една од најхуманите и најодговорни гранки на медицината, со клучна улога во создавањето здрави генерации.
– Грижата за најмладите не е само медицинска, туку и општествена обврска од највисок приоритет – нагласи министерот, додавајќи дека институцијата континуирано работи на унапредување на педијатриската здравствена заштита.
Тој посочи дека фокусот е ставен на подобрување на условите во педијатриските оддели, модернизација преку нова медицинска опрема и зајакнување на човечките ресурси.
– Без стручен и мотивиран кадар нема одржлив здравствен систем -рече Алиу, потенцирајќи дека преку програмите за специјализации и супспецијализации се преземаат конкретни чекори за надминување на недостигот од кадар.
Во изминатата година биле одобрени 17 специјализации по педијатрија за јавните здравствени установи, а дополнително биле вработени 15 приватни специјализанти, дел од нив ангажирани и на Универзитетската клиника за педијатрија.
Министерот оцени дека Балканската школа за педијатри има особено значење, бидејќи овозможува размена на искуства меѓу домашни и меѓународни експерти и придонесува кон следење на современите медицински текови.































