Trump
Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го продолжи рокот за Иран да ја деблокира Ормутскиот теснец, предупредувајќи дека во спротивно може да следуваат напади врз иранската енергетска инфраструктура, пренесе „Ројтерс“.

Изјавата доаѓа откако Техеран го отфрли американскиот предлог од 15 точки за прекин на борбите како неправеден. Војната, која трае веќе четири недели, се прошири низ Блискиот Исток, предизвикувајќи илјадници жртви и раст на цените на енергијата, што дополнително ја зголемува загриженоста за глобална инфлација.

САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, во период кога сè уште траеја разговорите за иранската нуклеарна програма.

На состанок во Белата куќа, Трамп најави засилен притисок врз Иран доколку не се постигне договор. Подоцна, преку социјалните мрежи, соопшти дека го продолжува рокот за евентуални напади врз енергетските централи на 10 дена – до 6 април.

Тој тврди дека „разговорите се во тек и одат многу добро“, иако иранските власти негираат дека воопшто има преговори со Вашингтон.

Дополнителна неизвесност создава и фактот што Трамп не прецизираше со кого САД комуницираат во Иран, имајќи предвид дека дел од високите функционери беа убиени во конфликтот, пишува „Ројтерс’.

Претходно, на 23 март, Трамп најави петдневна пауза на заканите за напади врз енергетската инфраструктура, која сега е продолжена на 10 дена. Тој изјави дека Иран побарал седумдневна пауза, но ваквите тврдења не се потврдени.

Во меѓувреме, Иран предупреди дека ќе возврати со напади врз енергетски објекти во регионот на Заливот доколку се реализираат американските закани.

Техеран во моментов ефективно го блокира Ормутскиот теснец, преку кој поминува околу 20% од светската трговија со нафта и течен природен гас. Ова веќе предизвикува раст на цените на енергијата и нестабилност на глобалните финансиски пазари.