Факултетот за безбедност во Скопје на 27 март годинава, во Клубот на пратеници во Скопје, организира научно-стручната конференција на тема психофизичка подготвеност на припадниците на безбедносните институции во Македонија.

Конференцијата ќе отвори значајни прашања поврзани со психофизичката подготвеност, професионалната издржливост, менталното здравје, физичката кондиција и интеринституционалната соработка во рамки на безбедносниот сектор, со акцент на потребата од современ и сеопфатен пристап во подготовката на кадарот.

Присуството на конференцијата го потврдија претставници од повеќе релевантни институции, академски заедници, безбедносни структури, спортски федерации и стручни организации, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Центарот за обука при МВР, Комората на психолози, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Управата за финансиска полиција, АНБ, Агенцијата за разузнавање, Армијата, како и претставници на повеќе федерации, клубови, здравствени и образовни институции.

На конференцијата ќе учествуваат и професори, експерти, практичари, припадници на специјални единици, претставници на академската заедница и студенти од Факултетот за безбедност – Скопје, што дополнително ја потврдува важноста на темата и потребата од нејзино пошироко стручно и општествено отворање.

Настанот има цел да поттикне размена на знаења, искуства и добри практики, како и да отвори простор за унапредување на политиките и стандардите што се однесуваат на психофизичката подготвеност на припадниците на безбедносните институции во државата.