Фото: Принтскрин

Министерство за образование и наука (МОН) соопшти дека е усвоена новата Стратегија за образование 2026–2032, заедно со Акциски план за нејзина имплементација.

Стратегијата е изработена во изминатите месеци преку широка консултативна постапка, во која учествувале бројни домашни и меѓународни партнери, меѓу кои УНИЦЕФ, Светска банка, УНДП и Стопанска комора на Македонија.

Работната група броела над 100 членови, а во процесот биле организирани четири национални конференции со повеќе од 500 учесници. Дополнително, преку истражувања и консултации биле опфатени над 5.000 испитаници.

Документот предвидува низа реформи во образовниот систем, меѓу кои:

  • развој на нова програма за предучилишно образование
  • поголема инклузија во основното и средното образование
  • нови модели за финансирање на училиштата
  • подобрување на образовната инфраструктура
  • оптимизација на училишната мрежа и воведување едносменска работа
  • нов концепт на државна матура
  • развој на неформалното образование
  • нова законска регулатива во високото образование и науката

Од МОН посочуваат дека целта е создавање поинклузивен, модерен и ефикасен образовен систем кој ќе одговори на потребите на учениците и пазарот на труд.