Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со здравствените институции, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната која подготвувала храна за РЕК Битола, по добиена дојава за можно труење со храна.
Во акцијата, која била координирана со Центарот за јавно здравје Битола, Институтот за јавно здравје – Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, биле земени мостри од храна, како и брисеви од работни површини и од вработените.
– По добиена дојава за сомнеж за труење со храна, спроведен е вонреден инспекциски надзор и се земени мостри и брисеви за лабораториско испитување – информираат од АХВ.
Согласно националниот протокол, кујната е привремено затворена, односно изречена е забрана за подготовка и послужување на храна сè до добивање на резултатите од анализите.
– Кујната на операторот со храна е времено затворена до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања – додаваат од АХВ.
Дополнително, на операторот му е наложено да спроведе вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата, како и санитарни прегледи на сите вработени.
– Наредено е вонредно чистење и дезинфекција, како и здравствени прегледи на вработените лица – велат од институцијата.
Инспекциската постапка продолжува, а надлежните најавуваат дека по добивањето на резултатите ќе следуваат дополнителни мерки доколку се утврдат неправилности.































