Унгарија ќе го прекине снабдувањето со гас кон Украина сè додека не се обнови работата на нафтоводот Дружба, соопшти унгарскиот премиер Виктор Орбан преку видео објава на Фејсбук.
– Постепено ги запираме испораките на гас од Унгарија кон Украина и ќе го складираме гасот што останува кај нас во Унгарија – изјави Орбан.
Прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“, кој се случи во јануари, предизвика тензии меѓу Будимпешта и Киев, како и блокада на финансиска помош од Европската Унија за Украина. Во меѓувреме, Брисел предложи испраќање експертска мисија за инспекција на оштетената инфраструктура.
Украина подоцна прифати техничка и финансиска помош од ЕУ за санација на нафтоводот и обновување на испораките.
Во моментов, Унгарија и Словачка не добиваат руска нафта преку „Дружба“ уште од крајот на јануари, кога Киев соопшти дека нафтоводот бил оштетен во руски напад во западниот дел на земјата.
Будимпешта испрати и сопствена мисија во Украина за утврдување на состојбата на терен, но засега нема официјални информации за резултатите. Унгарија и Словачка, како единствени членки на ЕУ што сè уште увезуваат руска нафта, ја обвинуваат Украина дека намерно го одложува обновувањето на испораките од политички причини.
































