Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (10)
Овче Поле не е само географска одредница во срцето на Македонија, тоа е мистичен предел каде што историјата, легендите и суровата убавина на земјата се преплетуваат со векови. Оваа „пустина“ на духот и плодноста отсекогаш била магнет за патописците, географите и научниците што се обидувале да ја одгатнат нејзината тајна.
Во текстот што следува ви претставуваме внимателно селектиран избор на записи објавени во текот на 19 и 20 век. Преку зборовите на автори како Голубински, К’нчов, Ѓорче Петров и Трифуноски, се враќаме во едно време кога Свети Никола бил важен трговски крстопат, кога стадата овци ги белееле пасиштата, а солената почва ја раскажувала приказната за древното море што некогаш го покривало овој крај. Изборот е на преводи од автори што пишувале на неколку јазици, а нивните записи за Овче Поле биле објавени во стари книги од претходните два века.
Областа што лежи меѓу реките Вардар, Пчиња и Брегалница и помеѓу градовите Велес или Ќуприли, Истиб или Штип и Каратово или Кратово, како во древни времиња, така и во сегашноста, го носи соодветното именување – порано Пробата, а сега Овче Поле. (Евгениј Голубински, 1871)
Овчеполски села се тие што се наоѓаат во Овчеполската Котлина, чие име доаѓа од думата овен, овца, а не како што велат српските пропагандисти, дека Овче Поле се викало така од „очи боле“, затоа што некојси српски крал тука му ги извадил очите на друг српски крал. Сите овчеполски села се 71 на број, од кои 60 се христијански, а 11 турски… (Ефрем Каранов, 1892)
Во плодното и рамно Овче Поле покрај ридовите се наредени села, околу кои се гледаат лозја и ретко понекаде мали горички. Сè друго е голо. Рекичката Азмак или Орла се собира во височините над големото село Свети Никола (Клисели) и тече многу бавно. За време на дождови околу неа се образува блато… (Васил К’нчов, 1894)
Овче Поле, кое некои географи го нарекуваат полето на Мустафа, ми се чини дека е едно од најнепознатите места во Скопско. За жал, и јас не можев да ги посетам сите негови делови и да го опишам подробно, туку ќе се задржам на кратки и општи белешки. Пасиштата се одликуваат со герените – слатинавите места. На многу места низ Овче Поле во текот на летото взори земјата се покрива со една роса, која откако ќе испари од сонцето, ја остава тревата покриена со бел слаб пласт како со слана. Тие места се овчеполските герени. Белиот слој има солен вкус и овците го јадат како крма од која многу се гојат и поправаат. Овче Поле храни многу овци, според кои и го добило името. Неговите овци се едри и даваат многу долга и питома волна и се сметаат за едни од најдобрите. Дуќанџиите ги ценат многу затоа што од нив прават пастрма, а трговци од далечни места доаѓаат во Овчеполско за да купуваат овци за своите бачила… (Ѓорче Петров, 1896)
Овче Поле е рамница со средна висина од околу 400 метри. На запад е ограничена со Вардар, од устието на Брегалница до устието на Пчиња. Северната граница е помеѓу еруптивни купи, кои се наоѓаат помеѓу Брегалница и Крива Река. На југ допира до повеќе поврзани ридови и косини, меѓу кои најголема е Богословец, врв што е видлив од сите страни. Просторот помеѓу реките Злетовштица и Азмак е неговата источна граница. Во средината на Овче Поле е неговото главно место и пазар Свети Никола или Клисели… (Јован Цвијиќ, 1906)
Овче Поле, кое го нарекуваат и Мустафа Оваси (полето на Мустафа) е дел од Вардарската Низина во средна Македонија. Главен административен и трговски центар во Овчеполието е Свети Никола. Пред 45 години, Свети Никола бил само чаушлук. Повозрасните кажуваат дека тогаш низ селото минал некој Дервиш – паша, пратеник на Цариград со некаква мисија во овие краишта, кој откако ја разгледал околината и бил впечатлен од убавите полиња и долини, рекол: „Од сега па натаму вашата нахија ќе се нарекува бериќетли нахија и ќе има пазар“… (Научна експедиција во Македонија, 1916)
Богатството на Овче Поле не е само во неговите плодни ниви и ливади туку и во природните богатства. На повеќе места се наоѓаат мали солни наслаги – солни бари, поради што работниците на пругата често морале да бараат слатка вода на длабочина од 4 до 5 метри. На планината Богословец недалеку од пругата се наоѓаат големи наслаги на гипс, а лево од пругата за Штип во близината на селото Црнилиште и околните села се наоѓа јаглен. За време на изградбата на железничката пруга се пронајдени и костури од изумрени животни, а на едно место и глава од мамут со заби. Многу од тие животински остатоци се пронајдени на 5 и 14 километри. Нив ги собрал Петар Павловиќ и ги однел во белградскиот музеј. Секако дека научни истражувања би потврдиле уште поголемо природно богатство на Овче Поле, кое со векови стои неискористено… (Весник „Време“, 22.10.1924)
Меѓу осоговските и бабунските планински венци и помеѓу Прешевската Долина и Демир Капија на реката Вардар се наоѓа една просторна ридеста област, сродна по својот надворешен карактер, а внатрешните делови ѝ се разликуваат по составот на почвата, по големото или помалото изобилство на вода, некои имаат и различна клима, условена од конфигурацијата на земјената површина. Северниот дел на таа голема рамнина го образува плодородното Кумановско Поле, на исток од Брегалница, помеѓу Плачковица и Осоговската Планина се одделува раскошната и богата Кочанска Котлина, на југ се протегаат штипските и тиквешки ридести полјани, одделена од реката Вардар, а на запад е Скопското Поле. Централниот дел на таа брановидна пространа рамница се нарекува Овче Поле… (Баждаров, 1926)
Селото Клисели (Исви Никола, Свети Никола) во четириесеттите години на 19 век добило потврда за официјален пазарен ден од тогашните власти, со што и официјално станало гратче – „варошица Свети Никола“. За поранешните случувања и ден-денес се паметат преданија што се пренесувале од колено на колено. Во текстот на Мане Чучков од 1936 година читаме дека сто години пред него, во Овчеполието имало два големи пазарни центри. Селата Немањици и Свети Никола биле пазариштата на кои се „правел есапот“ помеѓу народот од Штипско, Кочанско, Злетовско, Кратовско, Кумановско, Велешко, па дури и Скопско и Тиквешко. Дуќани немало, а трговците ја изложувале стоката за продажба на самите улици – старите дуќани биле слични на денешните „тезги“, денски се поставувале, а навечер биле собирани и „оставани на чување по дворовите“. На пазарот во Свети Никола доаѓале и штипските и велешките трговци, а во Немањици продавале Грци и Власи. За значењето на трговијата во Свети Никола во тие времиња покажува и податокот дека и тогашниот овчеполски мудур бил против попот од Немањици. Во 1845 година попот бил убиен, за извршителите има различни верзии од спомените што се пренесувале низ генерациите, а по убиството, неколкумина жители на Свети Никола – поп и трговец Македонци, трговец Грк и споменатиот Турчин отишле во главното воено заповедништво во Битола, од каде што кон крајот на годината се вратиле со бараното одобрение за официјален пазарен ден во сабота. Тогаш се одобрило и градењето на црквата „Свети Никола“, која се наоѓа под денешната црква и е вкопана под земја, градена врз темели на постара црква. (Според записот на Мане Чучков, 1936)
Во вардарскиот дел на Македонија солените почви зафаќаат поголемо пространство во Овче Поле. И тие солени почви го должат своето појавување на истите причини како и другите солени земји во Македонија, само што тука постои една околност специфична за овој крај. Почвата во Овче Поле, која се состои од старотерцијарна морска тиња, содржи доста соли, кои се јавуваат како извор за брзо засолување на површината, дури и на такви места што имаат подлабоко распространето потпочвено водно ниво… Овче Поле е вистинска благодет за североисточна Македонија. Неговото плодородие е пословично и за него смело може да се каже дека нема гладна година. Целото поле е рамно како тепсија. Почвата му е црна, силно напоена со сол. Летно време, кога земјата пука од неистрпливите горештини, солта излегува на површината на земјата во вид на бел прав. Во април и мај полето е полно со безброј стада. Има едно место Слан Дол, чие име произлегло сигурно од „солен дол“, каде што почвата, но и растителноста, се многу солени. Кога едно време Турците правеа курбани, пред да ги заколат овните ги праќале некое време на паша во Слан Дол. И кога ги колеа по тоа, месото им беше жолто и неискажливо вкусно… (Петар Завоев, 1943)
Овче Поле е најголемо во средна Македонија и се наоѓа помеѓу реките Вардар и Струма. Во минатото му биле давани пошироки граници, но денешните точни географски граници му се Градиште на север, каде што е вододелница меѓу Кумановското Поле и Овче Поле, на запад се височините над Велес, на југ Богословскиот Вров и на исток – височините западно од Злетовска Река и Брегалница. Долините на реките се широки корита, кои наместа се дури мочурливи. Тој ортографски карактер на Овче Поле има и големо воено-стратешко значење. Еден воен и животен недостаток во Овче Поле е недостигот од вода, безводието е многу големо и се должи на слабите врнежи, малите реки и на пропуштливите пластови од кои е составено. Летата се многу топли, а зимите студени. Поради силните ветрови има малку снег, а житните и макови ниви често мрзнат. Налето Овче Поле брзо пожолтува. Гори нема, а дабови има понекаде на периферните ридови. Освен земјоделството, во Свети Никола се развиени и некои занаети, а има и трговија. Во минатото имало многу овчари, а денес покрај овците од расата калеша, се чуваат и свињи и говеда… (Иван Батаклиев, 1943)
Во вардарскиот дел на Македонија солените почви зафаќаат поголемо пространство во Овче Поле. И тие солени почви го должат своето појавување на истите причини како и другите солени земји во Македонија, само што тука постои една околност специфична за овој крај. Почвата во Овче Поле, која се состои од старотерцијарна морска тиња, содржи доста соли, кои се јавуваат како извор за брзо засолување на површината, дури и на такви места што имаат подлабоко распространето потпочвено водно ниво. Слан Дол се нарекува ридестиот крај на југ од Овче Поле, а Слатина месност на исток од селото Богословец. Таа причина наложува посебен начин за мелиорирање на солените почви во Овчеполието, за разлика од начините што би можеле да се приложат со успех на другите места во Македонија. Големото пространство што го заземаат солените почви во големото Овче Поле е причина оваа котлина да се користи како пасиште за овци, од каде што ѝ доаѓа и името. (Димитар Атанасов, 1945)
Овие записи се многу повеќе од обична хронологија; тие се огледало на душата на Овче Поле. Од сведоштвата за мамутите пронајдени при изградбата на железницата, па до преданијата за „очите што болеле“ и пазарите во Немањици, јасно е дека овој регион отсекогаш имал стратешко и културно значење што го надминува локалниот контекст.
Иако денес пејзажот е променет, а старите карвани одамна се заменети со модерни патишта, ехото на минатото сè уште се чувствува во солените „герени“ и камените градишта. Проучувањето на овие извори ни помага не само да ја разбереме историјата туку и да ја препознаеме вредноста на она што го поседуваме. Овче Поле останува вечна инспирација, земја на солта, пченицата и приказните што допрва треба да бидат раскажани…
м-р Никола Ристевски
Од книгите „За овчеполските работи“ и „Зборник за Свети Николе“
(продолжува)































