Уметност што нуди подобар увид во потенцијалите на женската култура

  • Фактот што последниве децении се евидентни голем број изложби што имаат фокус на „женскоста или изложби на жени автори со наслови „Женска страна“, „Женско писмо“, „Проверка на родот“… укажува дека многу од овие теми и натаму се општествено проблематични. Постановките во кои учесници се жени или кои имаат особена нагласка на „женственоста“ или „женскоста“ сѐ уште бележат вистинска експанзија, дури постои опасност да се третираат како тренд или помодарство. Сепак, поверојатно е дека и тие се одраз на социокултурното опкружување, кое сé уште не е комплетно редефинирано

„Телото што ја помни тишината“ е насловена изложбата на уметницата Тања Балаќ што ќе биде отворена наредната недела во Музејот на современата уметност во Скопје, изложба што отвора и истражува сензитивни теми поврзани со женското тело како што се траумата, меморијата, телесноста, абортусот…, третирајќи ги не само како индивидуален настан туку како колективно, тивко сеќавање, како социјално и културно обликувани искуства. Фокусот е на начинот на кој општеството се соочува или молчи пред овие чувствителни теми и како системот ги метаболизира или не успева да ги метаболизира искуствата што се интимни, табу или замолчени…
Месецот во кој се одбележува Меѓународниот ден на жената овој пат ќе биде заокружен со оваа видеоинсталација (31 март, МСУ), а тоа можеби не е случајно, како што вели кураторката на проектот Алесандра Чианети, иако самото видеодело постои надвор од календарските ознаки и надвор од временската логика на одбележување на женската борба, туку „постои во времето на телото, односно во време што не се движи напред во прави линии, туку во кругови, повторувања, враќања…“
Фактот што последниве децении се евидентни голем број изложби што имаат фокус на „женскоста“ или изложби на жени автори со наслови „Женска страна“, „Женско писмо“, „Проверка на родот“… (наслови на дел од ликовните изложби отворени во повеќе градови во регионов: Белград, Загреб, Скопје…, но и пошироко, во Виена, на пример) укажува дека многу од овие теми и натаму се општествено проблематични. Постановките во кои учесници се жени или кои имаат особена нагласка на „женственоста“ или „женскоста“ сѐ уште бележат вистинска експанзија, дури постои опасност да се третираат како тренд или помодарство. Сепак, поверојатно е дека и тие се одраз на социокултурното опкружување, кое сé уште не е комплетно редефинирано.

Денес женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената е променета, иако – не докрај. Факт е дека последиците од патријархатот се чувствуваат и сега, бидејќи тој со векови го оневозможуваше пристапот на жената до симболичкото или ѝ го одземаше правото да се самодефинира. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но веројатно свеста дека таквата состојба мора да се менува сѐ повеќе се зацврстува. Придавката „женска“ пред именката „уметност“ има свое оправдување и е резултат на тоа дека сѐ уште не сме навикнати на поголемо (иако не и рамноправно) учество на жената во сферата на творештвото. Но фактот што сѐ уште пред изложбите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува кон прифаќање на овие изложби, како на творештво што има намера да покаже дека станува збор за нешто доста покомплексно…
Како и да е, уметноста го отвори просторот за деконструирање на патријархалната хиерархија заснована на идеалот за жената сведена на нејзините основни репродуктивни моќи, нејзината вкоренетост во домашниот, приватен простор, во семејството како единствен аспект на нејзината реализација. Без оглед на тоа во кој периоди создаваат, жените отсекогаш директно или индиректно најмногу се занимаваат со социјално-политичката положба на жената во општеството и културата, со нејзиниот статус, сексуалност, психологија, историските примери на прикажување и изразување на женската сексуалност, желбите, фантазиите и рационалноста. Некои одлучуваат реалистички или идејно да го слават женското искуство во кое раѓањето, мајчинството, силувањето, воздржувањето, домаќинството, менструацијата, автобиографијата, семејството и портретите на пријателите имаат важна улога. Други работат со материјали и бои претходно негативно окарактеризирани како „женски“ или со симболични или апстрактни претстави на своето искуство; на пример со сликите на велови, затворање, огради, притисоци, бариери, стеги, како и со растот, опуштањето, развојот и сетилните површини. Некои се занимаваат со сликите на органскиот живот, други поаѓаат од себе како субјекти, движејќи се од внатре кон надвор. Но сите овие дела го менуваат општественото милје, нудејќи подобар увид во потенцијалите на женската култура.