Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека снабдувањето со горива во земјава е стабилно и дека има доволни количини на нафтени деривати.
Таа посочи дека надлежните институции постојано ја следат состојбата и дека, според досегашните проверки, нема никакви проблеми. Пазарната инспекција утврдила дека сите снабдувачи ги имаат задолжителните резерви за најмалку пет дена.
– Во моментов нема никаков проблем со снабдувањето, но ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и движењата на пазарот – истакна Божиновска во „Тема на денот на ТВ Сител“.
Министерката информира дека Владата остварила комуникација со околу 95 проценти од снабдувачите, кои увериле дека нема нарушувања во испораката. Притоа ја нагласи и улогата на OKTA и продуктоводот, како клучни фактори во обезбедувањето стабилност.
Дополнително, државата располага со стокови резерви доволни за околу 60 дена. Сепак, ќе се следи и потрошувачката, особено во пограничните региони, каде што се бележи зголемена побарувачка поради пониските цени во споредба со соседните земји. Според министерката, дневно таму се точат околу 160.000 литри гориво.
Во однос на цените, Божиновска најави нова средба со претставници на ОКТА, на која ќе се разговара за можностите за нивно намалување, по иницијатива што ја најави премиерот Христијан Мицкоски.
– Целта е да се избегнат поголеми ценовни шокови за граѓаните. Ќе се обидеме да постигнеме решение што ќе има позитивен ефект врз финалните цени – рече таа, без да прецизира конкретни бројки.
Таа потсети дека на 13 март веќе бил постигнат договор со ОКТА, со кој цената на горивата била намалена за 45 долари, што овозможило поевтинување од два денари на бензинските пумпи.
Владата, како што нагласи, внимателно ги следи одлуките на Регулаторна комисија за енергетика, како и движењата на меѓународните берзи.
Во однос на мерките, Божиновска објасни дека намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10 проценти веќе носи заштеда од шест до седум денари по литар гориво. Дополнително, можно е и намалување на акцизата за еден до четири денари, во зависност од движењето на светските цени.
– Ова е само дел од мерките што ги разгледуваме. Можно е понатамошно намалување на ДДВ-то, па дури и до нула проценти, доколку состојбата тоа го наложи – истакна министерката.
Таа додаде дека Владата е во постојана комуникација со институциите, снабдувачите и меѓународните партнери, и дека состојбата се следи на дневна основа.
На денешната седница, Владата донесе одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, како и за ослободување на одредени количини мазут од државните резерви, со цел да се ублажи евентуалниот раст на цените на горивата и електричната енергија.
































