РАКОМЕТ
- Македонија, која има еднаков меѓусебен резултат на официјални мечеви со Австрија, ремизира на гости кај таа репрезентација, 30-30, во рамките на неделата на ЕХФ
Машката ракометна репрезентација на Македонија одигра нерешено, 30-30 (15-15), на тест-средбата со Австрија, на гости во Брегенц, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Иако селекторот Кирил Лазаров, изведе на теренот комбинирана селекција без неколку искусни ракометари, сепак, црвено-жолтите одиграа одлично против домашната репрезентација, на чело со шпанскиот селектор Икер Ромеро.
По првото полувреме никој немаше предност, но кон средината на второто полувреме македонските ракометари имаа водство дури од четири гола (24-20). Австријците не се предаваа и во 59. минута израмнија на 29-29, а потоа и поведоа. Македонија израмни со голот на капитенот Филип Кузмановски од седум метри, реализиран во последната секунда од натпреварот. Кузмановски беше прв стрелец на мечот со 10 гола, пет погодоци постигна Марко Митев, а по три Мартин Велковски и Филип Николов. Кај Австрија се истакна Ерик Дамбок со девет погодоци. Македонија има еднаков меѓусебен резултат на официјални мечеви со Австрија, по две победи и порази. Македонската репрезентација вчера попладне требаше да го дознае противникот (Словачка во првиот меч славеше на дуелот со Украина со 27-24, вчера се играше реваншот) за бараж-дуелот во мај за пласман на Светското првенство в година во Германија. Г.И.































