Тековните енергетски проекти и продлабочувањето на соработката во областа на одржливата енергетика беа главна тема на денешната работна средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со новата раководителка на одделот за енергетика во германската развојна банка КфВ за Европа и Кавказ, Бабет Штајн вон Камиенски, пренесе МИА.
Како што соопшти Кабинетот на Божиновска, на средбата се дискутираше за клучни проекти кои се реализираат со поддршка на КфВ, меѓу кои втората фаза на ветерниот парк Богданци и енергетските проекти во Битола. Овие инвестиции, според министерката, ќе ја зајакнат енергетската независност на земјата.
Божиновска истакна дека германската КфВ е еден од најважните партнери на земјата, преку чија поддршка се реализираат проекти од големо значење за граѓаните.
Претставниците на КфВ ја потврдија посветеноста на зацврстување на соработката во енергетската транзиција и ја истакнаа важноста од забрзана примена на обновливи извори на енергија. Тие потенцираа дека ќе продолжат да ја поддржуваат Владата со цел обезбедување сигурен, модерен и усогласен со европските стандарди електроенергетски систем.
-Модернизацијата на енергетската инфраструктура и регионалното поврзување ќе ја зајакнат позицијата на Северна Македонија во регионален и светски контекст. Во таа насока, соработката со КфВ е од исклучително значење – изјави Божиновска.
Соговорниците заклучија дека соработката ќе продолжи, особено во делот на инвестициите во обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност на национално ниво.































