Дел од домашните политичари и дел од медиумите упатуваат општи критики кон Македонија дека е подложна на руски и кинески влијанија и дека нејзина задача би требало да биде да се штити од нив на секој начин. Напишаново погоре главно се однесува на наводно политичко, безбедносно и финансиско влијание што не е поткрепено со ниту еден доказ. Таквите тврдења најверојатно произлегуваат од некој извор што располага со конспиративни информации или со намера Македонија да ја затвори вратата во односите со Кина, засега пријателски настроена кон нашата. Со Русија и така одамна е затворена.
Денешниов текст нема да се занимава со прашања од високата политика и со полето на претпоставките туку низ неколку локални комунални примери да покаже колку Македонија е далеку од Кина. Поинаква, многу пообемна и посложена би била намерата да се покаже колку Кина е далеку од Македонија зашто таа далечина е немерлива политички, економски, географски, демографски, генеолошки и по стотина други познати и непознати параметри.
Прв пример. Во центарот на Скопје булеварот Свети Климент Охридски (поранешна улица ЈНА) завршува до зградата на Владата на Република Македонија, а потоа врти кон Градскиот парк. На крајот од булеварот има еден мал земјен премин преку кој се стигнува до кејот на Вардар, до кафаната „Кај Жабарот“ и до паркчето од каде што е украдена бистата на народниот херој Вера Јоциќ. Тој запуштен премин, полн со дупки, служеше како импровизиран паркинг. Конечно некој се сетил да го урбанизира и модернизира паркингот, што е потег за пофалба.
Но што се случува? Тој простор, триесетина метри во должина и десетина во ширина, се гради повеќе од три месеци, иако, е до самата влада. Три месеци има таму градежни машини, неколкумина работници кога се работи, а има денови кога не се работи ништо. Три месеци за еден паркинг на толку мал простор, а уште не му се гледа датумот кога би бил завршен. Замислете ги таа ефикасност, рационалност и исплатливост, а е пред носот на самата влада и на нејзините највисоки претставници. Тој новозамислен паркинг во Кина сигурно би бил финиширан за не повеќе од 48 часа, ако не и за помалку. Она што во Кина би се изградило за 48 часа кај нас трае три-четири месеци.
Втор пример, исто во Скопје. Често минувам низ една помошна слепа уличка што се протега меѓу улицата Македонија и Зелено пазарче. Од местото на атентатот врз претседателот Киро Глигоров до првите тезги на пазарот. Не ѝ го знам името, но знам дека таму се менуваат плочките. Беа искорнати старите, треба да се постават нови. Просторот не е поголем од педесет метри на десет. И таму траат работите од Нова година досега. Со денови просторот стои празен, одвреме-навреме се појавуваат по двајца-тројца што нешто се врткаат без да се види резултатот. Ефикасност рамна на нула. Овој смешен урбанистички зафат, во Кина би го направиле од утро до мрак. Толку, не повеќе. Толку сме ние далеку од Кина, разликата е како утро и мрак.
Трет пример. Во еден од минатите текстови пишував за мојата улица Народен фронт. Секој што минува по тротоарот на Народен фронт ќе ги забележи местата каде што водата била посилна од земјата. Покриени со мешавина од жолта земја, песок и чакал, како нови гробови, боже прости ми, изгледаат тие места. Со месеци. Пред зградата кај што живеам уште од летото стои могилата од пукната водоводна цевка, како и еден квадратен метар извадени плочки. Нема стопан што би дошол да ја дозаврши работата, да ги врати назад плочките и да го доведе тротоарот во првобитната состојба. Нели така вели законот.
Што се случи во меѓувреме? На две места кај Цветниот пазар на местото на ископите ги вратија старите плочки, крајно нестручно и неестетски. Изгледа дека никој не го проверува квалитетот на сработеното. Тука мајсторите создадоа друг проблем. Целиот чакал и песок остана во тревникот покрај тротоарот. Оние што ги поставуваа плочките не биле задолжени да ја кренат и земјата, таа задача не била во описот на нивните работни места. Требало да дојде некој друг, а него го нема. Така што улицата и натаму е грда и неугледна, што говори колку градот Скопје не се чувствува одговорен за естетскиот изглед на својот лик.
Да не зборуваме за изградбата на патиштата што траат со децении, како што е примерот со автопатот Кичево-Охрид. Официјално започнат со градба во февруари 2014, а по 12 години е далеку да биде завршен. А делницата е долга само 57 километри. Парадоксот е што ја градат Кинези, но под македонски проекти и услови. Светски рекорд по бавност. Толку километри во нивната земја се градат за неколку месеци.
Во овој состав сигурно би влегол и кружниот тек кај Момин Поток, патот за Визбегово и Приштина. Изведбата на тој проект трае повеќе од пет години, потребни ќе бидат уште пет ако работите се одвиваат со сегашното темпо. А што се однесува до реконструкција и изградба на патот до Блаце, до самата граница со Косово, тие планови траат дваесет години, нема педа нов асфалт.
Во Кина сум бил пред 40 години, престојував таму три недели, поминав повеќе градови, села, полиња, реки, езера, планини. Се возев со авиони, возови, бродови, автомобили, нешто повеќе од 3.200 километри. Кога се вратив мислев и говорев дека сум ги видел најсиромашната земја и најсиромашните луѓе на светот. Дека Кина, таква каква што ја видов, е педесет години зад Југославија (тогашна) и зад Македонија и дека ќе ѝ требаат најмалку педесет години да ја стигне Македонија, безмалу во секој поглед. Точно така, мислев дека државата и народот се во безнадежна економска и социјална ситуација.
По поминати четириесет години, таа е земја што не може да се препознае. Не постои држава што за толку краток период без прекин се развивала со околу 10 отсто раст на реалниот доход, со такви експресни промени во изгледот и инфраструктурата, со таков раст на стандардот на жителите. Остана истата идеологија, но со нова свест за изградба на комунистички капитализам, ако може да се нарече така. Некои ја сметаат за втора, други за прва економска сила во светот.
За овој период изгради околу сто илјади километри брзи автопатишта, се продаваат над 15 милиони возила годишно. Подигнати се монументални чудесни километарски мостови преку реки и долини. Сѐ што е во Кина сега се подведува под зборовите огромно, фрапантно, недостижно, каква што е на пример најголемата хидроцентрала во светот. Ја има најдолгата железничка мрежа за големи брзини од над 300 и 400 километри на час, иако се останати околу 500 милиони велосипеди, сѐ уште за многумина главното превозно средство.
Кога од Нанчанг сакав да телефонирам дома, чекав во хотелската соба речиси половина час за да добијам врска со Скопје. Сега има илјадници хотели од суперекстра категорија. Не треба да се докажува дека Кина го преплави светот со свои производи, со оригинали и фалсификати, сеедно.
Сега сето наведено го користам за да ја правам споредбата со македонските триесет и пет години од осамостојувањето и да се види колку Кина е предалеку од нас. Толку далеку што никогаш нема да ја стигнеме. Ако тогаш Македонија беше педесет години пред Кина, сега е немерливо назад. Ако тогаш скопски ФАС извезуваше автобуси во Кина, сега Скопје увезува кинески автобуси, дел копии од скопските. Сега Кинезите ни даваат кредити, градат патишта, увезуваат кај нас облека и обувки, од играчки до чешли, од „игла до локомотива“.
Каде сме ние за овие триесет и пет години? Таму сме кај што сме затоа што за оформување на еден паркинг за еден прдеж место се потребни четири месеци. И тоа на само два-три метра од зградата на Владата.
































