ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Досега 12 клуба ја освоиле европската клупска титула без пораз во соодветната сезона, а Баерн е единствен што го освои трофејот со победи на сите натпревари во сезоната. Арсенал ја има својата најдолга серија без загубен натпревар во ЛШ, 14 меча
Англискиот премиерлигаш Арсенал без пораз се пласира во финалето на фудбалската Лига на шампионите (сезонава забележа 11 победи и три ремија) и имаше девет средби без примен гол, вклучувајќи ја и завчерашната победа со 1-0 на натпреварот дома, во Лондон, со Атлетико Мадрид, за вкупна победа со 2-1 во полуфиналето. Арсенал, водечки тим во англиската Премиер-лига, во мечот за европската титула ќе игра со вкупниот победник по синоќешниот дуел помеѓу Баерн и Пари сен Жермен во Минхен (беше 5-4 за актуелниот континентален првак Пари сен Жермен по првата средба во минатата недела).
Досега вкупно 12 клуба ја освоиле европската клупска фудбалска титула без пораз во соодветната сезона, четири го сториле тоа двапати (Ливерпул, Милан, Ајакс и Манчестер јунајтед), а Баерн е единствен клуб што трофејот за континентален шампион го освои со победи на сите натпревари во сезоната (оствари 11 победи на 11 меча во сезоната 2019/2020).
– Неверојатна вечер. Заедно испишавме историја. Не би можел да бидам посреќен за сите вклучени. Начинот на кој бевме пречекани беше посебен и уникатен, го почувствував тоа на стадионот. Знаевме колку многу значи за сите. По 20 години и вторпат во нашата историја сме во финалето на Лигата на шампионите – рече тренерот на Арсенал, Микел Артета, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).
Арсенал ја има својата најдолга серија без пораз во ова натпреварување, надминувајќи ја серијата од еден помалку натпревар без пораз помеѓу март 2005 и април 2006 година и ја задржа незатресена мрежата во девет од своите 14 натпревари, повеќе од кој било друг тим во Лигата на шампионите сезонава, пишува „Би-би-си“.
За Арсенал тоа ќе биде второ финале во Лигата на шампионите, откако играше во мечот за титулата во 2006 година, во кој загуби од Барселона со 1-2. Клубот од Лондон досега во европските купови победи во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), во 1994 година. Н.М.

































