Двајца вработени се убиени, а две лица, меѓу кои и ученик, се повредени во пукање во училиште во западниот дел на Бразил, соопштија регионалните власти.
Според властите во сојузната држава Акре, 13-годишно момче го признало нападот и е приведено заедно со неговиот законски старател, кој е сопственик на огненото оружје користено во инцидентот.
Локалниот портал „Г1“, повикувајќи се на сведоци, објави дека пукањето се случило за време на попладневната настава. Учениците во паника се криеле и се обидувале да се заштитат, поставувајќи барикади од столчиња.
Надлежните информираат дека истрагата е во тек и дека мотивот за нападот сè уште не е утврден.
По трагедијата, наставата во сите државни училишта во Акре е прекината во наредните три дена.

































