Фото: Пиксабеј

Премиерот Христијан МИцкоски најави ново проширување на позитивната листа на лекови и порача дека здравствениот систем претставува сериозен предизвик што бара одговорно однесување од сите чинители.

Говорејќи по Германско-македонскиот самит во Скопје, Мицкоски изјави дека Владата презема чекори во здравството какви што, според него, не биле направени со години.

– Очекуваме во месеците што следуваат нови убави вести за граѓаните, со нови лекови што ќе бидат ставени на позитивната листа – изјави премиерот.

Тој нагласи дека, покрај вложувањата, неопходни се и промени во однесувањето во здравствениот систем.

– Ако продолжиме континуирано да го исцрпуваме здравствениот систем, а истовремено очекуваме квалитетни услуги, тоа е невозможно. Владата ќе направи сè за да ги заштити интересите на граѓаните и државата, но потребно е одговорно однесување од сите – порача Мицкоски.

Премиерот посочи дека постојат случаи на неправилности и злоупотреби во системот, наведувајќи примери со прекумерно евидентирани дежурства.

– Во здравството се пишуваат дежурства за 31 работен ден во февруари со 24-часовна работа, а истовремено се очекуваат дополнителни вложувања. Ќе мора многу повеќе да водиме сметка за општиот интерес и интересот на граѓаните – истакна Мицкоски.