Фото: Архива

Царинска управа на Македонија поднесе кривична пријава против две правни и седум физички лица поради сомнение за повеќе кривични дела поврзани со увоз и регистрација на луксузно возило „Мерцедес-Мајбах“ со фалсификувани документи.

Според информациите од институцијата, во 2023 година употребуваното возило било пуштено во слободен промет и регистрирано со лажирана документација, при што Буџетот бил оштетен за околу 1,9 милиони денари.

Во истрагата е утврдено дека првоосомничениот, како увозник, го набавил возилото во Германија и го внел во државата. Потоа, второосомничениот – царински застапник и управител во шпедитерска фирма – изготвил фалсификувана фактура со пониска вредност на возилото и фалсификуван доказ за потекло, со што се овозможило плаќање значително пониски увозни давачки.

– При постапката за царинење, наместо околу 3,9 милиони денари, биле наплатени околу два милиони денари. Со посредство на тројца царински и еден полициски службеник, возилото било пуштено во слободен промет и регистрирано. По утврдување на избегнатите давачки, изготвено е решение за дополнителна наплата и наплатени се 2,5 милиони денари, од кои 1,9 милиони денари се основен долг, а околу 600 илјади денари камати – велат од управата.

Оттаму информираат дека царинските службеници опфатени со пријавата се товарат и за други слични дела поврзани со увоз на автомобили и минатата година биле отпуштени од работа.

Истрагите за незаконски увоз на автомобили започнале во октомври 2024 година. Во изминатиот период до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција биле поднесени 51 кривична пријава против 110 правни и 396 физички лица за криминал поврзан со увоз на 180 употребувани возила.

Според податоците, со делата извршени во периодот од 2022 до 2024 година е нанесена директна штета на Буџетот од околу 41 милион денари. Од Царинската управа најавуваат дека ќе продолжат со истражни активности со цел сузбивање на криминалот и обезбедување фер услови на пазарот.