- Дали нападот на Иран е легитимен според меѓународниот закон? Не е, велат експерти. А што е тоа меѓународен закон? Кого штити? Иран? – А што направи тој закон за 46 години деспотизам во Иран (лажно верски)? Што направи за нејзините „проксиевци“? Едно е закон, а друго постапување. Е па, тоа ти е меѓународен закон. Пушти го Минотаур (критското чудовиште) да те изеде и ти ќе бидеш мртов праведник – во преносна смисла пушти го Иран да ти тресне атомска бомба, а ние ќе сеирџиме и „ќе плачеме за тебе“. Ете тоа е „меѓународен закон“
Денеска (13.3.2026) кога ја пишувам колумнава, е 14-ти ден од конфликтот на Блискиот Исток меѓу САД, Израел и Иран. Од концептуално брза и фокусирана интервенција, се претвора во хорор што може да биде пострашен од оној во Украина и Газа, а се плашам и од епизоди исти како тие во Втората светска војна (ВСВ). Мајка ми, која доживеа секакви ужаси во војните, велеше: „Војната е животно што те јаде пред да го видиш… ужас, извитопереност… во војната никој не е победник, сите се губитници“. Операцијата иницијално е наречена „Лав што рика“ од Израел и „Епски бес“ од САД, замислена да биде од блиц воздушни напади со ракети, авиони и дронови, ненадејно ликвидирање на иранското раководство и автоматско воспоставување влада што ќе биде „кооперативна“. „Кооперативна“ значи примарно да ја елиминира нуклеарната програма, лансирните офанзивни системи, да биде „релативно демократска“ со можен иден демократски изборен систем и ненапаѓање на протестирачките маси (кои веќе се масовно ликвидирани и децимирани). Се разбира во „вториот план“ би била економска соработка со западниот свет – пред сѐ енергенти, нафта и гас, а потоа вештачки ѓубрива, минерални богатства и слободен премин низ теснината Ормуз меѓу Персискиот Залив, Оманскиот Залив и Арапско Море, низ која проаѓаат 20 отсто од светскиот транспорт на нафта (10 отсто на Европа). Дроновите со своето пиштење и брзина се аналози на „Штуките“, а бомбардерите се како „Месершмитови“ и „Ланкастери“ како потсетување на ужасите од ВСВ. Во еден иницијален напад со израелски авиони, со информација за локациите добиена од ЦИА, беше убиен ајатолахот Хамнеи со дел од фамилијата – Хода – ќерката на ајатолахот, зетот Мешбах Багери Кани, внуката Захра и снаата Захра Хадад-Адел, а подоцна починала и сопругата Мансуре Којасте Багерзаде. Убиени се и важни воени лидери како Али Шамкани (секретар за одбрана и советник на ајатолахот), Абдолрахман Мусави (шеф на Генералштабот на армијата), Азиз Насирзадех (министер за одбрана) и Мохамед Пакур (командант на ИРГЦ – Исламска национална гарда – најважната воена формација на Иран). Ова во друг свет би бил колосален пораз и дефинитивен колапс на воените сили, но – не и за Иран! Секако дека беше шок за Иранците екстремисти, шиитските заедници насекаде по светот, вклучително во Пакистан, Индија, Европа и Ирак, а радост за оние што се надеваат на слобода и го презираат теократскиот систем на диктатура. И каков е резултатот од атентатите? – Никаков. Ајатолахот има „резервни“ тројца или четворица, а и тие имаат свои „резервни“ играчи, исто и воените лидери, и може да убивате колку што сакате – тие пак се јавуваат. Тоа буквално личи на легендарното чудовиште Хидра, па кога ќе ѝ ја исечеш главата, се регенерирала, односно се јавувале нови две или неколку. Херакле морал да ја изгори за да ја уништи (ќе видиме на што алудира ова). Слично, седумглави чудовишта има и во сумерската, вавилонската и во асирската митологија, погубени од Нинурта. Алузијата на ова е дека некои системи не може да ги срушиш со убивање на поглаварот. Велиме дека Иран е персиска античка цивилизација. Не е точно. Александар ја победил со тоа што го убил кралот (поточно тој избегал, па бил убиен од свој човек). Со доаѓањето на исламот, дефинитивно завршува старата персиска култура. Прво во исламот се Абасидите (750-1258) со високо, дури и максималистичко издигање на културата и науката, потоа освојувањето на Монголите и Туркоидите (11-15 век), па Сафавидите со сигнификантен пад на културата и учењата, па династиите Афшарид-Занд-Кајар-Пахлави, со диктатури, но сепак доволно високо модернизирање и учење, а потоа следува теократската диктатура на ајатоласите Хомеини и Хамнеи (од 1979 година). Стариот и средниот век се испреплетени со езотерицизам и егзотеризам, а сегашниот систем е продлабочен милитарен езотерицизам. Западните сојузници тврдат дека Хомеини „сам“ си ја извојувал револуцијата (како да не), базирана на огромните незадоволства од опресиите на шахот Мохамед Реза Пахлави, мизериите, убиствата и катастрофалниот земјотрес. Земјотресот се случи во 1978 година (добро се сеќавам, бидејќи бев во Франција каде што имаше огромен интерес и каде што Хомеини „го препарираа“ за настап), на местото Табас во областа Корасан, оаза во североисточен Иран, каде што загинаа 85 отсто од населението (до 25.000), со многубројни дупки на теренот. Таму е сега истоимената опасна терористичка организација. Малку подоцна шахот Пахлави поради болест – хронична лимфатична леукемија, комплицирана со Рихтер синдром и Валденстрем синдром, го евакуираа во САД, потоа во Египет каде што почина и е погребен во џамијата „Ал Рифа“ во Каиро.
Мислам дека долетувањето на Хомеини од Париз е „инженеринг“ на претежно западните служби, не без математика. Прво, Мохамед Пахлави многу се осили, а Западот не сака многу силни пријатели. Почна сам да одлучува за нафтата, гасот, стратегиите, па дури и со планови за нуклеарни централи, масовно обучувајќи кадар во странство. Беше и дел од фамозните „несврстани“, голем пријател на Тито, та дури и јас му мавтав со знаменце на Бриони и Белград како „Титов пионер“ кога бев многу мал – „теле“, а подоцна како „јунец“ се преиспитував што е тоа капитализам, а што комунизам и се прашував шахот во кои спаѓа. И така додека бев „теле“ учев дека тоа е „социјалистички исламизам“, а кога станав „јунец“ учев од запад каде што велеа дека е тоа „капиталистички исламизам“. Денес за овој вториот велат дека е „демократски“, а за социјалистичкиот велат дека е „хегелијански“. Жити бога – кој го знае Хегел денес… а пак Кант или Маркс? – Уф-уф! А полна им уста против. Подоцна се појавија „фундаменталисти“, наводно „непомогнати“ од службите, кои беа незадоволни од западниот либерален капиталистички систем и дисторзираниот морал, па се вратија кон исламизмот – ама нешто повеќе од мохамеданскиот, одн. класичниот исламизам, чија разлика е сигнификантна. Исто, според исламски верски експерти, има разлика меѓу фундаментализам и екстремизам. Екстремизмот е модерен, политичко-идеолошко-економски ентитет, кој користи (по мене злоупотребува) буквална, ригидна, деконтекстуална (би рекол и деконструктивна) интерпретација на списите со оправдување на насилност и преврат на постојните социјални системи. Класичниот ислам се однесува на традиционалните, историски и научни пракси на верата, личната посветеност и вера (Ума), законот и хармонија со божествената волја. „Џихадот“ кај класичниот ислам е самоунапредување и подобрување на односите со Бог (Алах), а кај екстремистите тоа е масовно фаќање за оружје и војна против „неверниците“. Тоа „неверници“ има „спирален“ тек – еднаш се Евреите, другпат комунистите, па христијаните, потоа Америка, сојузниците и капиталот, па Хиндуистите, па сунити против шиити…. За жал, и мирољубивите исламисти, во случки на војни, се симпатизери со склоност кон „екстремизирање“ (ОК испитаници кажува до 19 отсто, но нашите искуства од Југославија, Косово, Македонија се понеповолни). Европа е масивно исламизирана, но не екстремизирана (сѐ уште). Колкави се масовните демонстрации за Палестинците и за Иран (нема квантитативни податоци)? Фундаментализмот е само подлабок пиетет кон класичниот ислам. За екстремистите да убиеш е „благодат“ ако е „по нивен ќеф“, а не по Божјите заповеди (кои ги има и во исламот). Прво се појави кај „Муслиманските браќа“ на Ал Бана, а потекнуваат од муфтијата Ел Хусеини (пријател на Хитлер и основач на „Ханџар дивизија“ во Босна), во дослух со британските служби, а противници беа Насер и Анвар ел Садат (порано поврзани со Абвер, а потоа исто со британските служби, но и со американските). Талибанците беа создадени од американските служби (Бжежински). Хомеини, по 15 години егзил во Турција, дојде во Франција во 1978 г. под надзор на службите и е сметан како погодна замена за шахот и мислам дека службите коалиционо го исполнија тоа. Требаше да биде „фантом“ во борбите против СССР, но нештата се вртат. Најпрвин ајатолахот изјави дека Израел и Евреите му се крвен непријател и треба да се уништат (тоа трае до денес) – наспроти нешто што уште од персискиот крал Кир не е така, а за периодот на шахот беа и сојузници. Зошто е таа омраза кај ајатолахот? Еден фактор е сојузот на Израел со Иран на Пахлави. Друг фактор се желба на Иран за придобивка на исламско-арапскиот свет и да стане водач на исламот (иста тенденција имаат Турција и Египет), а арапскиот свет беше во војна со Израел. Трет фактор е национализација на нафтата и други енергенти, што е антиинтерес на САД и Британија. Четврти (многу веројатен) фактор е игра на службите поради компетиција на империите (Европа, Америка, СССР, Кина, Индија, исламски свет и други). Кои се факторите за сегашниот конфликт? – Сложен систем од фактори: 1) Верско-психолошко-културолошки: „Судир на цивилизации“ (според Хантингтон), растечки антисемитизам верзус антиисламизам. Христофобија и христодеструкција се во игра. Интересно, во Иран има и многу проеврејско-израелски индивидуи, кои се многу супримирани. Има и проирански Евреи во Иран наречени Парсим, антички-Јудаим, Нетуреи Карта, Мизрахим, со едно седиште за Евреин во парламентот.
Психоаналитичарите даваат четири фактори за оваа омраза: нарцистички бес, трансгенерациска траума (холокауст), „контејнер“ динамика (неможност да го исполнат ветеното) и циклуси на одмазда. 2) Антикомунизам (додека траеше СССР). 3) Антикапитализам, антивербална демократија без права супстанција. 4) Желба за доминација над исламскиот свет (кажавме претходно). 5) Историска омраза на шиитите и сунитите (од времето на пророкот Али). 6) Материјален интерес: енергенти (нафта, гас), минерали и други богатства, вклучително и вода. 7) „Прокси“ сили: за Иран се Хезболах, Хамас и Хути, за САД – за сега Курдите, државите богати со нафта и потенцијално другите сунити. 8) Супресија на друга суперсила – Кина, која користи иранска нафта и го сака Патот на свилата и водач е на БРИКС, кој е во контраинтерес со САД во оваа војна – но ќе користи нафта од Русија, а можеби ќе има дифузија. Суперсилите се мудро настрана… до кога? И кој е посилен на теренот во оваа војна? САД и Израел се во аеровојна, а Иран во терестијална. Иран има време, а другите немаат. За губење на логистиката не знаеме, но логиката вели дека се во еквилибриум. И на чија страна сте? Македонија се изјасни за западната, но многу во душата ја носат источната. Ајде-ајде, не бидете лицемерни – на источната страна сте! Зошто? – Прво, никој не ги сака Евреите – ајде-ајде, знам дека не сте лицемерни! Антизападизмот е и затоа што Западот секогаш бил „маќеа“ спрема нас (Македонците). А Евреите ги поврзуваат со банкаризмот и комунизмот (ги забораваат нобеловците, научниците и уметниците)…, па и јас не сум задоволен со себе-Евреинот – требаше да постигнам и да дадам повеќе. Дали нападот на Иран е легитимен според меѓународниот закон? Не е, велат експерти. А што е тоа меѓународен закон? Кого штити? Иран? – А што направи тој закон за 46 години деспотизам во Иран (лажно верски)? Што направи за нејзините „проксиевци“? Едно е закон, а друго постапување. Е па, тоа ти е меѓународен закон. Пушти го Минотаур (критското чудовиште) да те изеде и ти ќе бидеш мртов праведник – во преносна смисла пушти го Иран да ти тресне атомска бомба, а ние ќе сеирџиме и „ќе плачеме за тебе“. Ете тоа е „меѓународен закон“. И ОН се исто! Секогаш биле на арапска страна и секогаш антиизраелски. Имало и водечки нацист на чело – Курт Валдхајм. А во врска со атомската бомба на Иран? Ете јас сум убеден дека веќе ја има (или во предигра) и дека сака да ја фрли во Израел. Не кажувајте ми бајки дека нема да го стори тоа! И што правиме тогаш? Бараме излез – војна („Preemptive war“)! Ама не е хумано. Е па, моите дедо, баба и роднини веруваа во праведноста на Германците (и Бугарите „спасители“), па завршија во Треблинка. Па и тогаш имаше меѓународни закони. И на крајот – кои се предвидувањата? Во прво полувреме водат Израел-САД (ликвидирање на верскиот и серија воени лидери). Второто полувреме е еквилибриум. А трето? – Или мир или експанзија. Математичките модели што ги гледав околу форензика, војна, калкулус и АИ се проектираат и овде. Прво, структурната логика вели 1 води кон 2, па кон 3 итн. Значи прво е нападот, по мене Нетанјаху (во име на „бранител“ на својот народ) го „кандисува“ Трамп плус неговата заднина (воената структура на САД, ЦРФ итн., а прашање е друга структура дали ја „кандисал“). Почнува бомбардирање (над 3.000 удари неделно) и ликвидација на раководството. Под два се отпорот (Иран не е победен) и парцијалната „регенерација“ на раководството. Тоа ме потсеќа на Јапонија, која не се предаде дури и по двете атомски бомби, туку тоа го нареди царот Хирохито, веројатно од страв со инвазијата на СССР (Василевски). Сетете се, Херакле ја уништи Хидра со огин (денес тоа би била атомска бомба). Значи – треба да се најде нов Хирохито или Херакле! Иран со тактика на повлекување-напад може и да победи (како Фабиан-Суворов-Кутузов-Курск). Под три е експанзијата (синџир или обрач од исламски држави што се воено слаби, но „начичкани“ со енергентите. Бомбардирани се рафинерии и резервоари на вода – десалинизација). Следуваат масовни миграции. Дали ќе се придружи Европа? Ако посматра и губи нафта, ќе пропадне тотално економски, а ако се придружи, ќе „храни“ два фронта (север-Украина и југ-Иран). Ако се придружи Турција (лисицата Ердоган) – Иран ќе губи, ако не – продолжуваме во точката 4 – хронична војна. Тоа би значело можно повлекување на САД поради истрошена логистика (како Германците во Сталинград), можни инпути на софистицирани оружја од Кина, која енергетски е загрозена (Кина, Индија и други ќе купуваат енергенти од Русија, која ќе има корист), катастрофа за Израел (не сакам ни да помислам). Се разбира – меѓународниот закон и ОН ќе речат „амин“ (впрочем и Македонија ја „аминираат, зар не?). Кога би се употребила атомска или хидрогенска бомба? – Има три можности: „super-EMP“ (уништување на сигналните системи), удар на Иран (поради неможност да се победи) или да победи Иран и по неколку години тој да употреби бомба. Е па, кој е можен епилог (ауткам, сценарија)?
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
продолжува































