Фото: Општина Центар

Советот на Општина Центар на шестата седница донесе два нови детални урбанистички плана (ДУП) – за Градска четврт ЦС 14 „Кале и СРЦ Кале“ и за Градска четврт ЦС 01 „Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2“.

Од општината информираат дека донесувањето на овие планови претставува усогласување со Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012–2022, а за првпат се носи детална урбанистичка документација за просторот околу Скопско Кале, со што се отвора можност за негово современо уредување и подобра организација на просторот.

Со новите урбанистички решенија се предвидува подобрување на сообраќајната и пешачката инфраструктура, како и изградба на нови велосипедски патеки на улиците „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“. Тие ќе се поврзат со рекреативната патека покрај река Вардар, со што ќе се создаде функционална велосипедска мрежа на растојание од 200 до 300 метри. Планот предвидува и пошироки тротоари и нови дрвореди.

Во најатрактивниот дел покрај Вардар приоритет ќе имаат пешаците, додека пристапот за возила ќе биде дозволен само за објекти што имаат одобрение за градење со такви услови.

Со ДУП за Градска четврт ЦС 01 се предвидува изградба на спортски објект на државно земјиште покрај кејот со површина од 9.295 квадратни метри. Во претходниот план на истата локација беа предвидени хотелски комплекси.

Во ДУП Градска четврт ЦС 14, на приватното земјиште под Калето се планира изградба на пониски хотели со катност П+3, додека на државното земјиште се предвидува парковско зеленило со површина од 3.074 квадратни метри. Дополнително, јужно од планираниот профил на булеварот „Климент Охридски“ се планираат содржини од јавен интерес, парковско зеленило со површина од 2.280 квадратни метри и јавен паркинг од 3.765 квадратни метри.

– Со ДУП Градска четврт ЦС 14 за првпат на ниво на детално планирање се разработува просторот на Скопското Кале. Планираме да создадеме поврзан, уреден и инклузивен простор и можност за поставување музејски изложби на отворено, со што овој симбол на Скопје уште повеќе ќе го доближиме до граѓаните и посетителите – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Тој додаде дека при подготовката на планот биле земени предвид и сугестиите на стручните лица од Музеј на современа уметност Скопје.