Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во емисијата „Вечерното шоу на Богдан“ истакна дека државата денес покажува дека има институционален капацитет брзо и ефикасно да реагира во кризни ситуации, да ги заштити своите граѓани каде и да се наоѓаат, но и да помогне на своите пријатели и партнери, соопшти МНР.
Тој посочи дека изминатата година за Министерството за надворешни работи и надворешна трговија била особено предизвикувачка во делот на кризниот менаџмент, бидејќи институцијата трипати се соочила со сложени ситуации од голем логистички и безбедносен карактер.
-За нас како институција, последната година во делот на кризниот менаџмент беше навистина предизвикувачка и сложена. Ова е трет пат да се соочиме со криза од ваков логистички калибар, која пред сè има човечка и безбедносна димензија – истакна Муцунски.
Тој потсети дека по трагедијата во Кочани Министерството било клучен учесник во процесот на извлекување на 115 повредени македонски граѓани, нивното лекување во странство и нивното враќање во државата. Неколку месеци подоцна следела безбедносната криза помеѓу Иран и Израел, кога била организирана евакуација на македонски државјани од погодениот регион.
Муцунски нагласи дека и во последната криза државата повторно успешно реагирала, иако ситуацијата била дополнително сложена поради фактот што македонски граѓани живеат и престојуваат во повеќе земји од регионот на Блискиот Исток, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Израел.
-Сметам дека во сите три ситуации постапивме успешно како институција, а и повратните реакции од граѓаните покажуваат дека државата стои зад нив и дека може да сметаат на поддршка во најтешките моменти – посочи министерот.
Тој истакна дека особено се гордее со фактот што со четирите организирани евакуациони летови биле извлечени и 78 странски државјани, што, како што нагласи, ја позиционира Македонија како пример на регионално лидерство и солидарност.
-Во минатото знаевме да бидеме држава која единствено бара солидарност. Денес сме држава која во кризни и тешки времиња нуди солидарност на своите соседи и на своите меѓународни партнери – изјави Муцунски.
Во рамки на спроведената операција, со четири организирани летови беа евакуирани вкупно 458 патници, од кои 380 македонски државјани и 78 странски државјани.
Муцунски нагласи дека овие активности претставуваат потврда дека државата има капацитет брзо и ефикасно да реагира во кризни ситуации, штитејќи ги своите граѓани каде и да се наоѓаат, но и помагајќи им на пријателските земји кога тоа е потребно.
Тој истакна дека во вакви операции клучен приоритет е безбедноста на граѓаните.
-Најважно е во целиот процес да не дозволите ниту еден македонски граѓанин да биде доведен во безбедносен ризик. Зад ваквите операции стои многу работа во позадина и координација на повеќе институции – посочи Муцунски.
Министерот нагласи дека особено значајна е улогата на дипломатско-конзуларните претставништва, кои заедно со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија учествувале во организирањето на целиот процес.
-Тука се гледа и добрата соработка меѓу државите, но и позиционираноста на нашата држава. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва буквално работеа деноноќно, што го потврдува и позитивниот фидбек од граѓаните – нагласи Муцунски.
На крајот, министерот порача дека грижата за македонските граѓани е основна обврска на државата.
-Ниту има потреба од честитки и благодарност. Кога сте македонски граѓанин, треба да знаете дека имате држава и институции кои стојат зад вас. Националните интереси секогаш ќе бидат заштитени, но националните интереси не се само политика – тие се секој еден македонски граѓанин, каде и да се наоѓа надвор од границите на државата – истакна Муцунски.

































