Фото: ЕПА

Зошто војната на Блискиот Исток ја тресе Европа

  • Цените на гасот и нафтата експлодираа, па сега влегоа во надолен тренд, но сѐ уште ништо не се знае… Резервите на енергентите во Европа се ниски, а европската индустрија силно стравува од нова неизвесност… Но најголемата опасност за Европа и светската економија лежи во можноста конфликтот на Блискиот Исток да се одолжи! Претседателот на САД најави „брзо завршување“ на војната, но како и повеќепати досега, кога Трамп рекол, а потоа одрекол, Европејците стравуваат од неговите непостојани и неконзистентни политики
  • Брисел стравува доколку производството на ЛНГ во Катар остане ограничено, ако транспортот низ Ормускиот Теснец продолжи да биде ризичен и ако европските резерви останат ниски, цените на гасот и нафтата би можеле повторно да достигнат нивоа слични на оние од најтешките моменти на енергетската криза во 2022 година. Во такво сценарио Европа би се соочила со нов бран на инфлација, дополнителен притисок врз индустријата и зголемена зависност од нестабилните глобални пазари на енергија. Затоа военото жариште во Иран и во регионот на Блискиот Исток ја тресе цела Европа…

Европските енергетски пазари го пречекорија прагот од период на нестабилност, а потоа од вчера повторно зачекорија назад, кон несигурна стабилност. За потсетување, утрото на 9 март тргувањето на европските берзи започна со нагло зголемување на цената на природниот гас за повеќе од 20 проценти, достигнувајќи околу 64 евра за мегават-час. Тоа е највисокото ниво во последните три години, односно од 2022 година. За пошироката јавност оваа бројка е полесно разбирлива ако се претвори во традиционалната мерна единица. Имено, станува збор за цена повисока од 800 долари за илјада кубни метри гас. За споредба, непосредно пред почетокот на руско-украинскиот судир, цената на гасот во Европа се движеше околу 300 долари за истото количество. Овој најнов скок доаѓа по растот од околу 67 проценти во текот на изминатата недела и е директно поврзан со „зголемената загриженост околу глобалното снабдување со енергенти“.

Кој сака блискоисточната криза да биде нова енергетска трамбулина?

Главниот поттик за растот на цените е ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и нарушувањата во транспортот на енергенти низ Ормускиот Теснец. Дополнителен удар претставува фактот дека катарскиот ЛНГ-комплекс „Рас Лафан“ (најголемиот погон за течен природен гас во светот) останува речиси целосно запрен по неочекуваното затворање минатата недела. Министерот за енергетика на Катар предупреди дека повторното стартување на производството и испораките може да потрае со недели, па дури и со месеци.(!?) Натаму, според анализите на американската банка Морган Стенли, ваквиот развој на настаните може да го анулира очекуваниот глобален вишок на ЛНГ, што тие лани го проектираа за годинава. Банката веќе ја намали прогнозата за вишокот на само два милиони тони. Доколку затворањето на капацитетите во Катар трае повеќе од еден месец, светскиот пазар би можел да се соочи со вистински недостиг од гас.

Европа излегува од зимава со празни гасни складишта

Кризата доаѓа во момент кога европските резерви, односно складишта се веќе сериозно намалени. Нивото на складирање во ЕУ падна под 30 проценти, што значи дека Европа излегува од зимата со значително исцрпени резерви. Според податоците на европската организација „Гасна инфраструктура Европа“ (ГИЕ), на 7 март од европските складишта биле повлечени 163 милиони кубни метри гас, додека во исто време биле внесени само 147 милиони кубни метри. Германија игра клучна улога во обновувањето на резервите, обезбедувајќи речиси половина од вкупното полнење. Сепак, германските складишта во текот на зимата паднаа на најниско ниво во последните четири години, околу 21 отсто, односно околу пет милијарди кубни метри. Во последните денови компаниите во Германија внесуваат повеќе од 70 милиони кубни метри гас дневно, додека дневното повлекување изнесува околу 25 милиони кубни метри. Значаен дел од ова обновување носат државните компании СЕФЕ и „Унипер“, кои учествуваат со околу 63 проценти од новите количества, односно околу 45 милиони кубни метри дневно.

Ако трендот на енергетскиот дефицит расте, тоа ќе ја забрза европската деиндустријализација

И пазарот на нафта страда поради војната во Иран, но за тоа подетално во наредна пригода. Само кусо во оваа пригода ќе споменеме дека токму Трамп со својата изјава за „крај на војната“, плус пуштањето во промет на резервите на нафта во Европа и во пакет со дополнителното производство на нафта од земјите на ОПЕК, предизвика цената на нафтата да почне да паѓа. Но тоа не значи дека европската економија не се наоѓа под значаен, многу висок притисок. А враќајќи се на прашањето за природниот гас, дури и пред последната криза, цените на гасот во Европа беа двојно повисоки од нивото пред енергетската криза од 2022 година. Поради тоа европската индустрија сè почесто размислува за преместување на производството во региони со пониски енергетски трошоци, пред сè во САД и Кина. Со сегашниот скок на цените, разликата во цената на гасот меѓу Европа и некои конкурентски економии достигнува и четирикратен износ. Ако ваквиот тренд продолжи, тоа би можело дополнително да ја забрза деиндустријализацијата на делови од европската економија.

Американскиот фактор и политичката димензија

Високите цени на горивата веќе почнуваат да влијаат и врз американскиот пазар. Тоа е особено чувствително прашање бидејќи претседателските избори во САД се приближуваат. Американската администрација се соочува со тежок предизвик. Имено, дилемата е дали да ја засили воената операција со цел брзо да го ослабне Иран, или да бара политички излез од конфликтот без целосно остварување на првично најавената цел, односно пад на иранскиот теократски режим. Трамп веќе најави препознатливи чекори на својата прес-конференција во понеделникот со констатацијата за „крај на војната“. Во секој случај, исходот од оваа криза има и ќе има директно влијание врз глобалните енергетски пазари.

Ако конфликтот во Иран се одолжи

Најголемата опасност за Европа и светската економија лежи во можноста конфликтот на Блискиот Исток да се одолжи. Ако производството на ЛНГ во Катар остане ограничено, ако транспортот низ Ормускиот Теснец продолжи да биде ризичен и ако европските резерви останат ниски, цените на гасот и нафтата би можеле повторно да достигнат нивоа слични на оние од најтешките моменти на енергетската криза во 2022 година. Во такво сценарио Европа би се соочила со нов бран на инфлација, дополнителен притисок врз индустријата и зголемена зависност од нестабилните глобални пазари на енергија. Енергетската геополитика повторно покажува дека во светот на ограничени ресурси и глобални конфликти, економската стабилност многу често зависи од настани што се случуваат илјадници километри подалеку од европските граници, особено ако настаните се во пакет со европските челници, односно носителите на високи функции во ЕУ, кои ниту имаат претстава, ниту пак визија како да ги внесат Европа и Европејците во едно ниво на општ просперитет и благосостојба наместо во милитаризација. П.Р.


Парадоксот на бриселската енергетска политика

Гасот што моментално се складира во Европа доаѓа од Русија!

Интересен факт што го издвојуваат европските енергетски експерти е тоа дека „значаен дел од гасот што моментално се складира во Европа доаѓа токму од Русија“! Германските државни компании продолжуваат да добиваат количества според долгорочни договори чија цена не може да се зголеми до следниот месец. Меѓу нив е и договорот за испорака на течен природен гас од рускиот арктички проект „Јамал ЛНГ“. Германската влада ја национализираше компанијата СЕФЕ (односно поранешната „Газпром-Германија“ во април 2022 година), а испораките на ЛНГ од Јамал не беа прекинати. Според договорните обврски, Германија годишно добива околу четири милијарди кубни метри ЛНГ преку терминали во Франција и Холандија. Од друга страна, руски извори наведуваат дека „во последните три месеци пратките од Јамал речиси исклучиво се насочуваат кон Европа. Дури и конвенционални ЛНГ-танкери, кои претходно пловеа кон Кина, сега се користат за побрзи испораки кон европските пазари“. Токму тоа создава парадоксална ситуација. Имено, ЕУ официјално планира целосно да го прекине увозот на руски гас до 2027 година, а првите забрани треба да стапат во сила веќе за шест недели, додека во исто време некои од европските складишта се полнат токму со руски гас!? П.Р.