Фото: Орце Ѓорѓиевски

Министерката за образование и наука Весна Јаневска повика на поголема вклученост на родителите во спречувањето на насилството меѓу учениците, по инцидентот во Основното училиште ООУ „25 Мај“ во Ченто, каде 15-годишен ученик беше повреден со остар предмет.

На прес-конференција во Министерство за образование и наука, Јаневска изјави дека институциите ќе преземат мерки во рамки на своите надлежности, но нагласи дека без активна улога на родителите не може целосно да се реши проблемот со насилството.

– Ладното оружје децата не го наоѓаат во училиште, ладното оружје го наоѓаат надвор. Оттука, неопходна е соработка со сите сектори кои се засегнати, но ги повикувам и молам родителите да посветат внимание на своите деца. Целата држава што и да направи, ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех – изјави Јаневска.

Според неа, неопходна е координација меѓу сите релевантни институции, но и поголемо внимание од семејствата кон однесувањето на децата надвор од училиштето.

Министерката најави дека се подготвуваат измени на Законот за основно образование, со кои ќе се предвидат санкции за родители чии деца се вклучени во насилно однесување во училиштата.

Таа информираше и дека се разгледува можноста за лиценцирање на училишните психолози, како и дополнителна обука на наставниот кадар за навремено препознавање и спречување на насилството меѓу учениците.

Јаневска порача дека институциите ќе продолжат со законски и системски мерки сè додека не се обезбеди побезбедна ученичка средина