Времеплов – Кога бев ученик: Тони Зен
- Растев во Аеродром, сум поминал и добро и лошо и мислам дека сум исчеличен, а сето она што сум го доживеал, сега го пишувам во моите песни, вели Тони Зен
Познатиот македонски рапер, композитор, текстописец и продуцент Тони Петковски алијас Тони Зен е роден во Скопје, на кое му посвети и песна. И во неговиот најнов хит „Сум“ има стих за неговиот град. Тој важи за еден од најуспешните македонски музичари, како од шега ги полни и најголемите сали на своите настапи, а имал и голем број соработки. Лани во октомври заедно со Слаткар одржа голем концерт во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Како мал сонувал да биде познат кошаркар, а дури потоа познат рапер и шоумен. Со висина од 190 сантиметри и со својот талент набрзо ја остварува својата желба и освен во училишниот кошаркарски клуб, станува член и на КК МЗТ. По завршувањето на десетгодишната спортска кариера се врти кон рапот и почнува да ги пишува своите први песни.
Кога ќе се сетиш на училишните денови, која е твојата прва асоцијација?
– Станување рано, веднаш тоа ми паѓа на ум, зашто никогаш не сакав рано да станувам и сакав многу да спијам, а и сега е така.
Каков период од животот за тебе беше детството?
– Период на игри пред зграда, дружење со другарите и фаќање некоја насока во животот. Речиси во сите песни го споменувам детството и мислам дека тие години ми беа убави и покрај некои мали-големи проблеми. Кога поминаа лошите денови се чувствував како да сум добил најубав подарок во животот.
Веста за твоето раѓање ја стави и во една твоја песна, која вели: „На 21 јули 83-та едно дете влета на оваа планета…“. Како растеше и како го откриваше светот малиот Тони Петковски?
– Израснат сум во скромно семејство, единец сум, немам ни брат ни сестра, но воопшто не сум разгален. Ме чувале дедо и баба, родителите на татко ми, додека моите биле на работа. Растев во Аеродром, сум поминал и добро и лошо во животот и мислам дека сум исчеличен, а сето она што сум го доживеал, сега го пишувам во моите песни. Она што сум сега е мојот сон од мал. Додека седев во училиште и додека слушав како зборуваат наставниците или професорите во основно и во средно, мечтаев и сонував да станам она што сум сега.
Во песната „Меморија“ го раскажуваш целиот свој живот, твоите први нешта, бегање од училиште, првата љубов, првиот џепарлак…
– Бев второ-трето одделение кога првпат избегав од училиште, и тоа преку прозорец. Не бев многу по учењето, а омилен предмет ми беше физичко. Бидејќи бев добар спортист, играв кошарка, бев привилегиран во моето основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ (порано „Едвард Кардељ“), во Аеродром. Потоа завршив средно фискултурно и се запишав и на Факултетот за физичка култура.
Кој ти беше омилен наставник?
– Близок бев со наставникот Мики по физичко. Поради него нѐ ослободуваа од часови, ни поправаа оценки. Потоа како млад и надежен кошаркар десет години тренирав во клубот МЗТ. На 16 години почнав да одам и во фитнес-сала.
Кога и како го заработи својот прв џепарлак?
– Првите пари ги заработив како диџеј во кафулето „Приорити“ во ТЦ „Беверли хилс“. Тогаш имав 17-18 години. И претходно пуштав музика, ама не за пари, туку од ќеф.
Кога почна да пишуваш песни?
– Дури кога завршив средно и кога престанав да спортувам.
Чии постери беа залепени на ѕидовите во твојата соба?
– На кошаркарските НБА-ѕвезди Чарлс Баркли, Мајкл Џордан, Скоти Пипен, Шон Кеми, а потоа, кога почнав да пуштам и да правам музика, почнав да ги слушам „Д рутс“. Таа група ме води по овој пат што го фатив со музиката. Ги слушав и „Мост деф“, „Комон“… Ако ме памети некој од тоа време, тоа сигурно е по наградите во кошарка, кои ги добивавме на градско и републичко ниво.
Која е твојата прва љубов?
– Едно девојче од маало. И сега кога ќе се видиме се поздравуваме со „Еј, еве ја мојата прва љубов“!
Напиша ли песна за неа?
– Не, тогаш не пишував песни ама свирев на синтисајзер и добивав бакнежи од девојчињата.
Одевте ли на екскурзии?
– Да, во Лешок, Скопска Црна Гора, патувавме и низ Македонија. Но се сеќавам и на патувањата и долгите летувања со моите родители. Сѐ уште го чувствувам мирисот на морето и сликите на Дубровник, Сплит, патувањето со брод. Тоа ме потсетува на детството. Инаку, јас во зодијак сум Рак и не можам без вода, особено налето.
Твојата љубов кон родителите ја покажа на специфичен начин, ќе ни откриеш ли како?
– Моите родители се викаат Љупчо и Снеже и јас нивните иницијали Љ и С ги имам истетовирано на раката. Благодарен сум им многу зашто ми дозволија да ја живеам својата лична легенда. Ме поддржуваа и кога се занимавав со кошарка, но се спротивставија на мојата одлука да се откажам од факултетот. Повеќе беше разочарана мајка ми, но подоцна сфати дека и музиката е извор на финансии и на моја лична среќа, па, така, ме оставија да живеам како што сакам.
Која е твојата прва снимка на радио?
– Тоа беше со мојата прва маалска група, која се викаше „105“, по бројот на мојата зграда во која живеев. Песната ми ја пуштија на Канал 103, зашто тогаш третираа аматерски аудиоснимки. Нумерата се викаше „Нова школа, стар ритам, бенг-бенг-бенг“. Сето тоа го снимивме кај Марио-Мачка, а во групата членуваше и Туци, и сите од маало знаеја дека имаме бенд и дека снимаме песни. По ова малку се вообразивме, знаевме дека сме поинакви од другите. Всушност, јас не сакам да сум поинаков, сакам да сум свој, да не личам на никого.

































