Во текот на февруари годинава преку системот „Безбеден град“ се регистрирани вкупно 19.066 сообраќајни прекршоци на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери.
Од вкупниот број, како што информираат од МВР, најголемиот дел – 18.172 прекршоци се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. Дополнително, евидентирани се 220 прекршоци за минување на затворен сигнал (црвено светло) и 674 прекршоци за управување со возило со истечена сообраќајна дозвола.
Во февруари се изречени и 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 за минување на црвено светло и 433 за брзо возење.
– Најмногу прекршоци се регистрирани во периодот од 2 до 8 февруари – 4.991, а најмалку од 9 до 15 февруари – 4.490. По денови, најголем број евидентирани прекршоци има на 28 февруари, додека најмалку на 11 февруари – 377. Дневниот просек во текот на месецот изнесува 706 прекршоци. Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачјето на Скопје – 12.073 или 63,3 проценти од вкупниот број. На патните правци долж Коридорите 8 и 10 се регистрирани 5.702 прекршоци, додека најмал број има на подрачјето на СВР Тетово – 370, како и на останати локации – 17 прекршоци – информираат од МВР.
Оттаму со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел поголема безбедност на патиштата.

































