Владата планира изградба на нови експресни патишта со цел поквалитетно регионално поврзување, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пренесува МИА.
Николоски во поткастот на ТВ Сител вели дека плановите опфаќаат изградба на нов експресен пат од Кочани до границата со Бугарија, нов експресен пат од Радовиш до Струмица и нова врска на Коридор 10 со Коридор Струма преку изградба на експресен пат од Смоквица преку Струмица до границата со Бугарија.
За делницата од Куманово до Страцин, Николоски информираше дека веќе се работи на заеднички постапки со Европската Унија, со што ќе се заокружи поврзувањето со делот од Страцин до Крива Паланка, кој беше пуштен во сообраќај минатата година.
– Сега во соработка со ЕУ треба да го изградиме делот од Куманово до Страцин. Експресните патишта ќе бидат различни од досегашните што ги изградивме. Сменивме Закон и Правилник и сега ќе личат на пример на автопатот Тетово – Гостивар каде ќе имаат две плус две летни со ограда на средина, ама оградата нема да биде бетонска, туку класична еластична ограда, таков е потегот на Дреново – Фариш, таму имаме две плус две лентои со еластична ограда на средина – истакна вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека на Влада ги поминале основните документи за експресен пат од Кочани до границата со Бугарија.
– Клучен проект за мене е експресен пат од Радовиш до Струмица и уште еден експресен пат од Смоквица преку Струмица до граница со Бугарија и Петрич од другата страна – нагласи Николоски.
Во однос на автопатиштата на Коридор 8 и Коридор 10-д, вицепремиерот посочи дека работите се одвиваат со потребната динамика и дека проектите, со добро планирање и менаџирање, ќе бидат реализирани во предвидените рокови.

































