Како да се опеат темнината и светлината на македонскиот поетски дух

Да се зборува за изворната македонска поезија, за поетите, тие избраници од народот што ја изболуваа колективната национална болка на црното и црвеното, тој најзвучен македонски амалгам, значи заедно со нив да се отиде во исконските предели онаму каде што се скриле најдлабоките македонски тајни на една потресна македонска судбина.
Македонските поети и како божји избраници ја опееле таа душевна болка, која нас одблиску нѐ запознава со себеси, одејќи во најдлабоките македонски пламени врутоци. Македонската поезија втурната во најголемите историски патила станува света тајна, сакрамент, во која е отворено битието на народот во една совршена песна. Во тие најмакедонски поетско-музички ритми што извираат од поетската душа се појавил и фолклорот на овие простори, кој од стихот и звукот создал еден единствен архаичен и совршен уметнички чин.
Ако навистина Македонија е родена на село, во болката и тагата, во светлините на ситните радости, тогаш таму е инспирацијата на поетот што сакал да ја опише љубовта кон земјата. Отаде и столбовите и архетиповите на македонската изворна поезија цврсто ќе бидат поврзани со драмата на македонските испрекинати потресни слики од минатото, поезија што блика од крвта на душевните рани и воздишки на македонскиот обичен човек. Ете, токму таму се раѓаат сите македонски архаични светови, таму како да се создал и единствениот македонски фолклор во тешкото оро, од природната мудрост на македонскиот човек, кој немал и не можел ништо друго освен постојано од пепел да го гради сопствениот живот.
Во таа фолклорна имагинација како да се збрале сите сказни, легенди, приказни и поговорки, тажачки, погреби и венчавки, сите обреди, сите обичаи, сите изреки и сиот оној прекрасен свет од кој нашите предци ја црпеле својата единствена инспирација.
Оттаму креираме еден естетички став, дека македонската поезија има своја длабока пенетрација и инспирација во македонскиот фолклор, во кој народот ги наоѓа својата смисла и убавина на постоењето.
Во македонската поезија и фолклор како да се збрале сите елегии – за тебе, лелеци и восхити, а токму тие стануваат спиритус агенс во создавањето една особена македонска уметност.

Токму преку единствената македонска песна од нашето минато, на нашето милје, биле изградени и македонската култура и единствениот македонски уметнички дух. Најзнаменитите наши духовно-уметнички творци и денес во нас инспирираат некои нови врутоци, отворајќи ни нови македонски предели, наоѓајќи нови, неоткриени исконски убавини.
Македонскиот фолклор е длабоко загледан во звукот и ритамот на колективната душевна болка. Народот преку песната го градел сопствениот култ како завет на некои нови генерации за да не исчезне во бесконечното. Токму таа народна песна како катаден да ни го поставува прашањето чуму животот, раѓањето и смртта под овој небесен свод.
Во македонската поезија како да ја слушаме народната музикализација на судбината, испеана во порој од солзи на еден потресен исконски стих што го носиме во себе како љубов и како смрт и го најавуваме доаѓањето на идеалот. Во македонскиот случај, поезијата ќе постои додека постои неизболуваната болка на минатото.
Во тие аритмичко-архаични и дионизиски предели на љубовта и смртта, болката и радоста, изнурнува музикалната македонска поезија, која ги опејува светлината и темнината на македонскиот единствен дух и посебната народна душа.

проф. д-р Мимоза Рајл