Виктор Орбан - Фото: „Нова Македонија“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека земјата им помага на САД подобро да ја разберат ситуацијата во Централна Европа и конфликтот во Украина со цел да се олесни мирното решение.

Коментирајќи ја посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на Будимпешта, Орбан оцени дека посетата им била од помош на САД.

– Америка е далеку, Централна Европа е комплицирана, тешка за разбирање, а перспективата на војната е сосема поинаква отколку од тука. Се обидувам да им помогнам, на Американците, обидувајќи се да им дадам поинаква перспектива, поблиска, поширока, поисториска, подлабока, за да можат да донесуваат добри одлуки во мировниот процес – рече Орбан во видео порака на Фејсбук.

Американскиот државен секретар, вчера, за време на посетата на Будимпешта изјави дека односите меѓу САД и Унгарија се во „златна фаза“ и се темелат на солидна соработка, која не е само реторичка, туку и конкретна во областите на економијата и енергетиката.

Тој потсети на блиските врски меѓу Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп и рече дека Трамп е посветен на Унгарија и нејзиниот успех.

Рубио го повтори ставот на САД дека една од клучните цели е што поскоро да се заврши војната во Украина, додавајќи дека САД ја презеле иницијативата за водење преговори меѓу Русија и Украина, додека другите меѓународни институции не успеале да постигнат напредок во таа насока.